Иванов ја повлече аболицијата за политичарите

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во своето обраќање денес истакна дека го повлекува помилувањето за сите политички експонирани лица, вкупно 22.

-Денес донесов одлука да поништам дел од одлуките и без помилуваните лица да го побараат од мене. Во согласност со законот за дополнување на Законот за помилување донесов одлука за поништување на одлуките за помилување за сите политички експонирани лица. Сите други лица, согласно законските измени, имаат можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот, ниту еден политичар не е недопирлив, напротив секој ќе одговара за своите постапки, истакна Иванов.

Тој додаде дека искрено верува оти одлуката за помилување била најдобрата можност за излез од политичката криза.

-Убеден сум дека без враќање на меѓусебната доверба и без помирување во која било форма, оваа криза ќе трае уште долго што не е во интерес ниту за граѓаните, ниту за државата. Како и досега така и во иднина секогаш сум подготвен да помогнам за надминување на кризата, потенцираше шефот на државата.