ИТ секторот се соочува со недостиг од квалитетен наставен кадар

За 5 години ИТ секторот ќе се соочи со недостиг од квалитетен наставен кадар, алармираат од Здружението на студенти по електротехника. Веќе подолго време оваа индустрија се соочува со сериозен недостиг од стручен кадар и покрај фактот што професијата е меѓу најдоходовните. Последните податоци покажуваат дека просечната плата во образованието изнесува околу 24.100 денари, додека во ИТ секторот надминува 56.000 денари. Од Здружението велат дека токму тоа е причината квалитетните професори да преминат во приватниот сектор.

“Зошто некој професор во средно училиште би земал плата слична на платата на другите професори, а не слична на ИТ секторот? Ако знае да програмира најверојатно може да се вработи за дупла плата во приватниот сектор. И тоа ќе предизвика проблеми во средното образование, а тоа понатака ќе се рефлектира на целокупната индустрија бидејќи ниското ниво на кадарот во средното образование дефинитивно ќе значи симнување на нивото на факултетите бидејќи факултетите може да работат со тој кадар што го добиваат, не може да ги научат дупло во скратено време. За жал, тоа ќе се рефлектира и во индустријата. Мора да размислиме стратегиски во таа насока за да немаме проблеми за 5 години од сега”, вели Стефан Митески од Здружението на студенти по електротехника.

Податоците покажуваат дека на годишно ниво поголем е бројот на новоотворени ИТ компании отколку дипломирани студенти од техничкиот кампус. Од Здружението алармираат дека, пред сè, треба да се зголеми капацитетот на самите факултети. А дополнително, државата треба да најде системско решение за да ги спречи ваквите појави на пазарот на труд во иднина.

“Мислам дека треба за ИТ професионалците во јавната администрација да се размисли дали да се напушти идеата за систематизација што важи за другите вработени и да се размисли да се следи пазарот. ИТ индустријата е таква гранка која што е многу подоходовна од другите. Доколку тоа се случи во хемиската индустрија за 15 години веројатно треба да се следи и таму. Меѓутоа, во овој момент ова е ситуацијата”, вели Стефан Митески од Здружението на студенти по електротехника.

Во моментов ИKТ секторот во земјава вработува околу 13.000 лица.