Иновација на ученици од Берово: Светилка што свети, а не е во струјно коло

Иновацијата „Светилки на теслини бранови“ на учениците од средното училиште „Ацо Рускоски“ од Берово, наградена во рамки на повикот „Предизвик за млади истражувачи 2“ на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), беше презентирана денеска пред средношколци и основци од неколку училишта во земјава во изложбениот центар Матка на ЕВН.

Станува збор за светилки од иднината што не се поврзани со струјно коло, а може да светат и да продуцираат постојана светлина која преку бранови ќе се пренесува и на други светилки.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, најави дека ова е почеток на нова иницијатива за поврзување и соработка на учениците од основните и средни училишта кои ги поддржува Фондот со домашните компании.

Целта на ваквите иницијативи, според Деспотовски, е поттикнување на креативното и критичко размислување кај младите и поврзување и вклучување на домашните компании во подршка за развој на истражувачкиот и претприемачкиот дух уште од најрана возраст.

-Нашата заложба е да им покажаме на младите дека државата нуди можности за нивен личен и професионален развој. ФИТР ви стои на располагање, обезбедува и ќе обезбедува поддршка за реализација на вашите истражувачки идеи и иницијативи. Ваквиот тип на соработка со домашните компании исто така ќе продолжи и понатаму, нагласи Деспотовски.

Сашо Стојкоски, член на Управниот одбор на ЕВН Македонија, појасни дека ЕВН секогаш ги поддржува иницијативите кои ја поттикнуваат кретивноста кај младите.

– Се надеваме дека оваа посета ќе предизвика интерес и ќе помогне во изборот на вашето идно образование. Сигурен сум дека ќе ви биде интересна поставката на изложбениот центар Матка каде можат да се видат оригинални стари предмети, архивски материјали, филмови, фотографии, интервјуа, реални компоненти на електроенергетски системи како и уникатни едукативни експонати, изработени специјално за центарот и наменети за учење преку интеракција, посочи Стојкоски.

Фондот во рамките на „Предизвик за млади истражувачи“ поддржува 54 високо квалитетни проекти од средни и основни училишта од земјава во кои се вклучени стотици ученици и професори, а кои работат на свои пронајдоци базирани на сериозно применети научни методи.