Импровизирана куќа од кревети и врата затворена со синџир до Народна банка

На потегот од нова железничка станица кон Народна банка веќе неколку дена има импровизирано живеалиште од стари кревети. Наместо фасада, домот е обложен со картонски кутии и жица. Вратата е затворена со синџир.

Околу прагот има ќеси со собрани пластични шишиња. Иако делуваше дека никој не живее таму, по неколку минути се појави Елизабета.

За камерите на 21Тв, таа ги покажа старите, излитени документи и парите што ги заштедила во времето на Југославија. Рече дека имала куќа во Ново Лисиче, ама по семејни расправии била исфрлена од таму. Ја испратиле во Италија да проси. И нејзините деца ја делеле истата судбина. Како што вели има 8 деца. Дел од нив проселе, а останатите ги немала видено со години. Рече дека била малтретирана, тепана и силувана уште како дете.

Се прехранува со питачење. Иако на вратата има катанец, вели дека нејзиното импровизирано живеалиште што сама го направила, често било мета на крадци.

Рече дека не очекува помош од никого. Собирала облека низ контејнерите, а некои добри луѓе некогаш и носеле храна.

Овој објект на ова место стои веќе подолго време. Со оглед на тоа дека се наоѓа на само неколку метри од меѓународната автобуска, но и од железничката станица, тоа е првата слика која ќе ја видат туристите при пристугнувањето во Скопје.