„Играш како што другиот ти свири“ – мултимедијален проект на Исмет Рамиќевиќ

 „Играш како што другиот ти свири“ е насловена изложбата – мултимедијален проект од циклусот „Молк“ на ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ, која вечер од 20 часот ќе биде отворена во Културно-информативниот центар. Се работи за скулпторски интерктивен проект од  серија различни удирачки и жичени инструменти инспирирани од  историјата на балканските,  европските и азиските музички култури.

– Дискретната хибридна визуализација на музички инструменти чии тела дискретно се акцентирани и завршуваат со реалистички или стилизирани куршуми измоделирани се во комбинирана техника. Во извесна смисла овој проект претставува продолжение на претходниот монументален  антимилитантен проект „Молк“. Ваквата хибридизација на инструментите, како и глобалната, а особено локалната  политичка   состојба, спонтано  го генерира  насловот  кој  во себе содржи истовремено и констатација, но, пред сè  апел –  да не „играш како што другиот ти свири“.   Самиот наслов непосредно  реферира на  влијанијата на светските  центри на моќта кои се рефлектираат и реперкуираат  во сите сфери на човечкиот живот, соопшти КИЦ.

Организаторот на изложбата наведува дека покрај за професионалните музичари,  таа е отворена за интеракција и со публиката, така што музицирањето со различните инструменти,  суптилно  ќе го претставува отпорот  кон  севкупната современа политичка состојба.

Исмет Рамиќевиќ е професор по вајарство на Факултетот за ликовни уметности и е член на Друштвото на ликовните уметници од 1987 година.