И денеска дишеме отрови: Во Долно Лисиче измерени 1207 µg/m3 ПМ10 честички

Во Скопје, рано изутринава во шест часот, воздухот во Долно Лисиче ги рушеше сите рекорди. Мерната станица на „АирКер“ покажа 1207 пм10 честички. Екстремно висока загаденост на воздухот покажуваат мерните станици ширум земјата.

Значителна загаденост во главниот град има и во Центар, Ректорат, Ново Лисиче, Црниче и кај Студентскиот дом „Пелагонија“.

Значителна загаденост има и во Штип, 132 микрограми на метар кубен пм10 честички, но и во Охрид каде во 11 часот се измерени 126 микрограми на метар кубен пм10 честички, како и Куманово каде во 11 часот се измерени 206 пм10 честички.

Владата вчера објави вонредни мерки во Скопје и Тетово поради високата загаденост на воздухот. Препораките се сите работодовци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан инфаркт или мозочен удар. Од работодавачите се бара да го реорганизираат работното време, а упатена е препорака да не се организираат спортски натпревари и културни настани на отворено.

И Град Скопје од вчера од 18 часот воведе мерки против аерозагадувањето, јавниот автобуски превоз е бесплатен, а паркирањето е двојно поскапо. Мерките ќе важат сè додека не се надмине големата загаденост на воздухот, информираше Град Скопје.