Хроничен замор – болест на новите генерации

Сабота, се будам на пладне. Немам поим колку е часот, ни кој ден е. Ми треба силно кафе да се освестам. Го гледам мојот дедо кој е станат од 6:00 наутро, го прашувам што прави. Ми вели дека бил на прошетка, до продавница, до аптека, се видел со некој од пријателите. Гласно воздивнувам. Тој изгледа задоволно, очите му блескаат, весело продолжува да зборува за тоа што правел ова утро, а мене некако не ми е до муабет. Ме боли главата.

Но, тој ме остава со прашања. Неговиот живот воопшто не бил лесен, во своето семејство имал сиромаштија, тешки болести, смрт. Се прашувам како успева да најде толку ведрина во себе, а јас не можам да го направам тоа.

Јас и моите пријатели постојано разговараме за тоа колку ни е тешко да ги извршуваме секојдневните обврски, често пати и откажуваме да се видиме бидејќи сме преморени. Често, вежбањето ни помага, а некогаш пак немаме ни волја ни енергија да го направиме тоа. Нè убива хроничниот замор. Тој е постојан и не си заминува, што и да направиме. Сигурно нешто правиме погрешно.

Какви се неговите симптоми? Најчесто се јавува како интензивно чувство на замор и брзо заморување, а следат и симптомите поврзани со главоболка или болка во очите, омалаксаност, а некогаш и покачена температура. Кај некои луѓе се јавува и силна исцрпеност, вознемиреност, вртоглавица и иритабилност. Симптомите знаат да бидат полоши со промените во времето, што придонесува и до алергиски реакции, проблеми со варењето и болка во желудникот.

Докторите имаат различни мислења во однос на неговото потекло. Некои посочуваат дека тоа е болест со вирусно потекло, а други пак сметаат дека клучен фактор е стресот.

Некои психолози посочуваат дека главниот проблем се јавува во тоа што денес, луѓето се трудат да работат многу, постојано да бидат подобри, да работат подолго, што често повлекува поинтензивна работа од онаа што ја имале нашите родители, дедовци и баби. Постојаните барања кои ги поставуваат работодавците, а и кои си ги поставуваме самите себеси, придружени со амбицијата и желбата постојано да се докажуваме и да заработуваме повеќе нè убиваат полека. Стануваме можеби побогати и финансиски постабилни, но го губиме здравјето.

Треба да знаеме дека е природно да сакаме успех и да се бориме за подобро, но ние не сме машини. Нашите родители работеле многу, но биле задоволни со тоа што го имаат, не се ставале себеси под постојаниот притисок да работат премногу, а имале и време да се во природа, да се дружат со семејството и со своите пријатели, да подготвуваат зимници, да ги слават празниците. Ние забораваме на тоа.