„Хероите на градот на Вардар“ во Музеј на град Скопје

На 4. јануари 2018 година (четврток) во 11,00 часот ќе биде отворен Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944), со постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“.

Автор на поставката е Зоја Богдановска, виш кустос историчар.

Новата изменета и надополнета поставка e сместена во целосно зачуваната оригиналност на просторот на тајната работилница, која што во 1981 година била пренаменета во музеј. Со зачувани деведесетина предмети од скопските илегални работилници, како и голем број на други предмети од фондот на Музеј на град Скопје од времето на Втората светска војна, просторот на илегалната работилница е повторно уреден со нова концепција и нови содржини.

Со повторното отворање на Меморијалниот музеј на илегалните работилници, Музејот на град Скопје го добива својот втор депанданс во стариот дел на градот. Со отворањето на овој специјализиран музеј, единствен од ваков вид во Р. Македонија, културната понуда на град Скопје се збогатува со уште една значајна содржина.

Изложбата ќе ја отвори градоначалникот на Скопје г-н Петре Шилегов.

Меморијалниот музеј на илегалните работилници е сместен на левиот брег на реката Вардар, на кеј „Димитар Влахов“, зад Археолошкиот музеј на Македонија, Скопје.