Граѓаните се плашат да пријавуваат корупција

Поголем дел од граѓаните сметаат дека Владата има волја да се справи со корупцијата, но голем е и процентот на оние кои не го делат ваквиот впечаток, покажуваат резултатите од телефонската анкета што е спроведена од агенцијата „М-проспект“ на барање на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Од вкупно 1.000 анкетирани, 22 проценти одговориле потврдно дека Владата има волја да се справи со корупцијата, а 33 проценти изјавиле дека Владата донекаде има волја за справување со оваа појава. Триесет и пет проценти сметаат дека таква волја не постои кај Владата.

Интересно е тоа што граѓаните со најниски примања сметаат дека не постои таква волја кај Владата, додека кај оние со највисоки примања постои убеденост дека Владата има волја за справување со корупцијата.

Резултатите од анкетата покажуваат и дека повеќе од половина и покрај промената на власта не се чувствуваат послободни да пријавуваат корупција. Голем е и процентот на граѓани кои не одговориле на прашањето, што, како што се наведува, може да се должи на незаинтересираност или неинформираност за тоа како може да се пријави корупција.

Околу 70 проценти од анкетираните сметаат дека борбата против корупцијата на новата Влада е иста или дури и влошена споредено со претходната власт. Близу една третина сметаат дека е подобрена.

Телефонска анкета е спроведена од 19 до 26 јануари годинава.