Граѓаните повторно можат да поднесуваат барања за приватизација на државно земјиште

Собранието ги донесе измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, информираат денеска од Министерството за финансии и додаваат дека со ова се пролонгира рокот за поднесување  барања за приватизација на земјиштето до 31 декември 2021 година.

„Осум дена по објавувањето на измените на Законот во Службен весник, граѓаните повторно ќе можат да поднесуваат барања за приватизација на земјиште во државна сопственост“, се наведува во соопшението.

Од Министерството потсетуваат дека рокот за поднесување а барања истече на 15 декември 2014. Од тој датум досега не можеа да се поднесуваат барања за приватизација.

„Со овој закон се излегува во пресрет на граѓаните и нивните барања. Продолжувањето на рокот е резултат на реакции од граѓани кои не успеале да поднесуват барање за приватизација во изминатиот период“, истакнуваат од Министерството за финансии.

Согласно ова, се одложува и примената на одредбите од Законот кои се однесуваат на воспоставување закуп на градежно земјиште кое не е приватизирано. Воедно се пролонгира рокот за поднесување пријава за промена од корисничко право во право на сопственост пред Агенцијата за катастар на недвижности. Рокот за ова барање се пролонгира до 31 декември 2022 година.