Граѓаните не се доволно запознати дека од Нова година ќе може да бираат од кого да купуваат струја

Од денеска стартува процесот за избор на универзален снабдувач со струја, а најдоцна до среда ќе се распише меѓународен тендер. Со тоа се пристапува кон 100%-на либерализација на пазарот, што неодложно ќе стартува од почетокот на идната година.

Дел од граѓаните не се запознати дека ќе може да бираат од која компанија да купуваат електрична енергија. Тие што знаат, очекуваат дека конкуренцијата позитивно ќе влијае на пазарот, што ќе придонесе за намалување на цените на струјата.

Регулаторна гарантира дека ќе остане евтината тарифа за домаќинствата. Со новините во Законот за енергетика се овозможуваат низа поволности за корисниците, како за домаќинствата, така и за фирмите.

Законот предвидува дека за намален квалитет на испорачаната, но и за неиспорачана струја корисниците ќе имаат право на соодветен надомест на штета.

Регулаторна прецизно дефинира и што треба да содржи договорот за снабдување со електрична енергија, избегнувајќи притоа какви било нечесни клаузули во договорите.

Друга новина е што Регулаторна нема да дозволи снабдувачите во текот на зимскиот период да ги исклучуваат ранливите категории корисници на струја поради неплатени сметки.

Универзалниот снабдувач ќе испорачува струја по цени и услови диктирани од Регулаторната комисија за енергетика, а ќе го опслужува секој корисник што нема да излезе на слободниот пазар. Инаку, потрошувачите во секој момент ќе може да мигрираат од еден снабдувач кај друг. Трансферот би траел најмногу 21 ден. Во моментов во земјава има 23 лиценцирани компании, а се очекува најмалку 8 од нив да бидат активни испорачатели на струја на слободниот пазар.