Градоначалникот на Центар им подели пакети со основни намирници на семејства со висок социјален ризик

Денеска, пред управната зграда на ЈП ПОЦ, Градоначалникот Саша Богдановиќ ги подели пакетите со основни животни намирници на семејства со висок социјален ризик кои живеат на територијата на Општина Центар.  Пакетите кои се состојат од храна и средства за лична хигиена, веќе пет месеци во континуитет општината ги доделува на вкупно 150 семејства, кои секојдневно се справуваат со предзивикот како да го поминат денот и да се прехранат.

Проектот се реализира со поддршка на маркетите: Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито Маркети, Стокомак, Гранап и Кит Го кои редовно ги обезбедуваат потребните намирници, а кои за своето општествено одговорно делување денеска добија благодарници, од Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Инаку, акцијата се спроведува во рамките на проектот „Нула Глад“ кој општината го реализира во соработка со невладината организација „Банка за Храна“. Проектот има за цел помош и поддршка на социјално загрозените семејства, а преку него општината дава свој придонес во справувањето со сиромаштијата и гладот.

Организацијата „Банка за храна“ – Македонија е непрофитна, добротворна, хуманитарна организација чија главна дејност е собирање на прехранбени продукти и други основни животни намирници, нивно складирање, сортирање и дистрибуција до сиромашните и социјално загрозените категории со посредство на хуманитарните организации, социјалните установи и институции кои исто така помагаат и се вклучени во борбата против сиромаштијата и гладта.

Проектот „Нула Глад“ на Општина Центар и невладината организација „Банка за Храна“ продолжува да се реализира секој месец, до крајот на 2019 година.