Градоначалникот Богдановиќ не дозволи незаконско градење - до Основното јавно обвинителство Центар поднесе три кривични пријави

Општина Центар, застапувана од градоначалникот Саша Богдановиќ, до Основното јавно обвинителство- Скопје поднесе кривична пријава за сторено кривично дело, бесправно градење.

– Во текот на 2017 година, по инспекциски надзор од страна на овластен градежен инспектор на општина Центар и по извршен увид, на булеварот “Никола Карев“ бб, констатирано е дека пријавениот Осман Буши без одобрение има изградено градба со димензии 15х20 метри. И покрај добиената наредба и изготвеното решение за отстранување на градбата, пријавениот одбива да го стори тоа, а бесправно изградената градба се уште е на истото место – информираат од општина Центар.

Кривична пријава за сторено кривично дело, бесправно градење е поднесена и до Даут Азири кој без одобрение за градење има изградено објект 10х10 метри на улица “171“ бр. 23; како и против Риза Асани, за незаконски изграден објект со димензии 5,20х6,55 метри, на улица “171“ бр.31.

– Една од програмските заложби на градоначалникот Саша Богдановиќ е и да не се дозволи незаконско градење на територијата на општина Центар. Затоа општина Центар предлага скопското Основно јавно обвинителство да ги преземе сите дејствија во насока на утврдување на фгактичката состојба, по што против тројцата пријавени ќе спроведе кривично гонење за сторено кривично дело казниво по член 244а, став 1 од Кривичниот законик – стои во известувањето.