Градоначалниците немаат љубов кон градот, туку имаaт интереси

Во осумедесетите години од минатиот век, Рахим Бурхан го прославуваше Скопје со своите режии на претставите кои ги изведуваше во Театарот на Ромите „Пралипе“. Животниот пат овој роден скопјанец го однесе да живее во Германија, но врските и мислите со и за Скопје не му се прекинати…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

- Домот и родителите и целото семејство, бидејќи бев најмалото дете во семејството и секогаш бев обиколен со моите браќа и сестри. Многу работи ги научив од нив што подоцна ми користеа во животот. Љубовта према книгата, филмот, музиката и други нешта.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

- Скопје треба да се гордее со својата култура, всушност со своите значајни уметници кои ги има во голем број. Тие го афирмираат и го афирмираа Скопје. Да не почнам да ги бројам бидејќи огромен им е бројот и не би сакал да не спомнам многу уметници.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

-Мене ми се чини дека е преголемо и дека сијасет работи се растурени по Скопје. Не знам зошто? Кога сите се локал – патриоти, зошто сите се селат во Скопје? Треба сите други градови да се развиваат и да се градат. Нека ми простат, но вака се дволични: и према својот роден град ама и кон Скопје.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

- Градоначалниците на Скопје треба да се заљубени во својот град, да го сакаат така како што ние знаеме како некои градоначалници во бившата Југославија си го сакаа својот град. Мислам дека тие немат љубов кон градот, туку имат некои интереси кои за мене се непознати.

(Извор - Скопско ехо)