ГРАДЕЖНА ОФАНЗИВА: Не запира развојот на Скопје - низа нови проекти во сите 10 општини

Како и секоја година во овој период, Градот Скопје е во градежна офанзива каде работи на голем број на инфраструктурни проекти на територијата на сите 10 општини во Скопје.

Во моментов на терен се вршат градежни работи со вкупна вредност од околу 1 милијарда и 92 милиони денари, или околу 17,7 милиони евра.

Во моментов се работи на проширување и пробивање на нови булевари на потег со вкупна должина од околу 9.000 метри.

Како најважни проекти на коишто во моментов се работи на терен може да се издвојат:

* ГРАДЕЖНИ РАБОТИ ОД ПРВАТА ФАЗА ОД ИЗГРАДБАТА НА БУЛЕВАР ХРИСТИЈАН ТОДОРОВСКИ КАРПОШ - Во првата фаза новиот дел од булеварот “Христијан Тодоровски Карпош”ќе се гради на потегот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до после крстосницата со улицата „Натанаил Кучевишки“ во должина од 1000 метри. За реализацијата на првата фаза на овој капитален проект, Град Скопје ќе издвои 160 милиони денари или околу 2,6 милиони евра.

* ПРОШИРУВАЊЕ НА ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ - Со овој проект оваа фреквентна улица ќе се прошири на потегот од крстосницата со булеварот Мајка Тереза и улицата Белградска, кај ОУ „Кочо Рацин“, до кракот на оваа улица што води кон Панорама, во должина од околу 600 метри и ќе се овозможи развој на населбите лоцирани во подножјето на Водно, како и непречено движење на растечкиот број посетители кон рекреативните содржини на Водно. Со реализација на проектот за проширување и реконструкција, улицата Тодор Александров ќе добие 4 сообраќајни ленти (по 2 ленти во секоја насока), широки по 3 метри. Од двете страни на сообраќајницата ќе се формираат тротоари со ширина од 2 метра. На терен ќе се изврши и реконструкција на постојниот коловоз, стариот и оштетен асфалт ќе се изгребе, ќе се обнови носечкиот слој и ќе се нанесе нов асфалтен слој. Градот Скопје во овој обемен проект ќе вложи околу 39 милиони денари.

* ПОЧНА ПРОШИРУВАЊЕТО НА БУЛЕВАРОТ ХРИСТИЈАН ТОДОРОВСКИ КАРПОШ ВО ЧАИР - проширување и реконструкција на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, на потегот од булеварот Џон Кенеди до улицата Рокомија. Со овој проект, постојниот коловоз на булеварот Христијан Тодоровски Карпош ќе се прошири и ќе добие 4 сообраќајни ленти, по две ленти во секоја насока, на должина од 670 метри. Од левата страна на булеварот, гледано од центарот на градот кон Чаир, ќе се изгради тротоар со ширина од 4 метри. Од десната страна на коловозот ќе се оформи заштитно зеленило со променлива ширина, велосипедска патека со ширина од 2,25 метри и пешачка патека со ширина од 2 метра.(Инвестиција вредна 43 милиони денари)

* ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УЛИЦАТА САРАЈ – 1 ФАЗА - Градежните работи за реконструкција на коловозот на улицата Сарај – 1фаза, на потегот од храмот „Света Злата Мегленска“ до патот што води кон селото Љубин, во должина од 665 метри. Во текот на градежните работи на улицата Сарај ќе се изгребе постојниот и оштетен асфалт, целосно ќе се обнови носечкиот слој и ќе се нанесе нов асфалтен слој. Со проектот е предвидено и да се прередат бекатон-плочките на тротоарот, како и да се нивелираат шахтите и сливниците. Градот Скопје за овој зафат ќе одвои околу 5 (пет) милиони денари, а на терен ќе работат градежниците на „Пелагонија“ АД Гостивар.

* ПРОШИРУВАЊЕ И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦАТА 3 МАКЕДОНСКА БРИГАДА (2 ФАЗА) - проектот за проширување и реконструкција на улицата Трета македонска бригада, втора фаза, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев, делница долга 1.400 метри. За градежните работи, за дислокацијата на подземните инсталации и за осветлувањето на оваа новопроширена делница Градот Скопје ќе потроши околу 103,6 милиони денари.

* ПРОШИРУВАЊЕ И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА БУЛЕВАРОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИ - 3 ФАЗА - Булеварот „Борис Трајковски“ во оваа трета фаза ќе се реконструира и проширува на потегот од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија, со вкупна должина од 2.200 метри. Вкупната сума за реализацијата на овој проект изнесува 228.164.592 денари со вклучен ДДВ, или околу 3,7 милиони евра.

* ПРОШИРУВАЊЕТИ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА БУЛЕВАРОТ АСНОМ - Со овој проект ќе се прошират и реконструираат 430 метри од булеварот АСНОМ, на потег од објектот на Фудбалската федерација на Македонија (Куќата на фудбалот) до првите куќи на улицата Тодор Чангов, во Лисиче. Со проширувањето, булеварот АСНОМ на оваа делница ќе добие 4 (четири) сообраќајни ленти (по две ленти во секоја насока) широки по 3,5 метри. Ќе се изведе и средишна жардиниера со променлива ширина од 2 до 5 метри, како и тротоари, велосипедска патека и разделно зеленило. Во овој значаен зафат Градот Скопје ќе вложи околу 31,8 милиони денари.

* ГРАДЕЖНИ РАБОТИ ОД ПРОЕКТОТ ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА БУЛЕВАР СРБИЈА - Со овој проект ќе се изврши проширување и реконструкција на булеварот „Србија“ од кружниот тек кај Цементара до улицата „Христо Татарчев“, а на крајот од овој булевар ќе се изгради нов кружен тек меѓу бул. „Србија", ул. „Христо Татарчев" и ул. „Христо Татарчев крак 2". Булеварот „Србија“ ќе се реконструира и проширува на потег со вкупна должина од 868 метри, каде што ќе се оформат 4 сообраќајни летни со ширина од 3,5. Целокупната должина на новиот реконструиран и проширен коловоз со целосната реализација на овој инфраструктурен проект изнесува околу 1.400 метри, а вкупната инвестиција изнесува 98 милиони денари.

* ПОЧНА ДООФОРМУВАЊЕТО НА УЛИЦАТА БОРИС САРАФОВ - По долги преговори постигнавме договор со сопствениците на два објекта што сега лежат на трасата на оваа улица, а треба да се урнат за да се дооформи сообраќајницата, и тие се обештетени и за објектите и за земјиштето. По уривањето на двата посочени објекти коловозот на улицата Борис Сарафов ќе се прошири на должина од 50 метри, колку што сега е долго стеснувањето. Со проширувањето, улицата Борис Сарафов и на оваа делница ќе добие 4 сообраќајни ленти, нови тротоари покриени со асфалт и ќе го дооформи својот лик. За овој градежен зафат Градот Скопје ќе одвои околу 2,5 милиони денари. За експропријација на двата објекта што ќе се уриваат и за земјиштето Градот Скопје и Општина Ѓорче Петров заеднички вложија дополнителни околу 3,4 милиони денари.

* ИЗГРАДБА НА НОВИОТ ВОДОВОДЕН СИСТЕМ ВО ШУТО ОРИЗАРИ - Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 182.367.800 денари со вклучен ДДВ. Во финансирањето на овој проект Градот Скопје ќе учествува со 43,7 насто од средствата, односно со 79,7 милиони денари; ЈП „Водовод и канализација“, исто така, со 43,7 насто, односно 79,7 милиони денари, а Општина Шуто Оризари ќе учествува со 12,6 насто, односно со 22,9 милиони денари од потребните финансиски средства.

* ИЗГРАДБА НА НОВАТА АТМОСФЕРСКА КАНАЛИЗАЦИЈА НА УЛИЦАTA БОЦА ИВАНОВА - Изградбата на оваа атмосферска канализација ќе ги реши долгогодишните проблеми со одведувањето на атмосферските води од овој дел од градот, кои се слеваа на најниската точка и го поплавуваа подвозникот во Бутел. Инвестиција 34 милиони денари

* ИЗГРАДБА НА НОВА АТМОСФЕРСКА КАНАЛИЗАЦИЈА НА УЛИЦИТЕ ЏОН КЕНЕДИ И ЌЕМАЛ АТАТУРК - Со овој градежен зафат, по должината на улиците „Џон Кенеди“ и „Кемал Ататурк“ ќе се изгради нова атмосферска канализација со вкупна должина од 800 метри, каде што ќе се постават цевки со голем профил од 1.200 милиметри. Новата атмосферска канализација ќе заврши во приклучна шахта на улицата „Цветан Димов“.За изградбата на оваа атмосферска канализација на улиците „Џон Кенеди“ и „Кемал Ататурк“ Градот Скопје ќе вложи околу 23 милиони денари.

* ИЗГРАДБА НА КРУЖНИОТ ТЕК МЕЃУ УЛИЦИТЕ 16-ТА МАКЕДОНСКА БРИГАДА И КОЦЕ МЕТАЛЕЦ - Со овој проект, на местото на постојната непрегледна крстосница меѓу улиците 16. Македонска бригада и Коце Металец ќе се формира кружен тек со дијаметар на средишниот зелен појас од 60 метри. (Инвестиција 45 милиони денари)

* ПРОШИРУВАЊЕ НА УЛИЦАТА МАЏАРИ - Овој проект ќе се реализира во две фази, а во оваа фаза улицата Маџари ќе се реконструира на потегот од крстосницата со улицата Јужноморавски бригади до улицата Палмиро Тољати во должина од 666 метри. Градот Скопје за овој обемен проект ќе вложи околу 52 милиона денари.

* ИЗГРАДБА НА ФЕКАЛЕН КОЛЕКТОР ВО ЦРЕШЕВО - Изградбата на примарниот фекален колектор за населеното место Црешево е во тек. Новиот колектор ќе биде долг 1 400 метри, со прoфил на цевки од 250 милиметри. За изградба на новиот фекален колектор ќе бидат вложени околу 7 милиони денари, од кои 3 милиони денари ќе одвои Градот Скопје, а 4 милиони денари ќе одвои Oпштината Гази Баба.

* РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА МИЛЕНИУМСКИОТ КРСТ - Овој проект опфаќа градежни работи со што ќе се добие целосна антикорозивна заштита на челичната конструкција на Милениумскиот крст, демонтажа на постојниот и изградба на нов панорамски лифт со придружни простории и елементи, поставување електрични инсталации, опрема и агрегат, изградба на фекална канализација и санитарни јазли, како и регулирање на водоснабдувањето до Милениумскиот крст и изградба на водоводна мрежа. На терен на реконструкцијата и адаптацијата на Милениумскиот крст ќе работат екипите на градежната компанија „Турбо инженеринг“, за реализацијата на овој проект ќе бидат вложени околу 70 милиони денари.

* ИЗГРАДБАТА НА ФИСКУЛТУРНА САЛА ВО АСУЦ „БОРО ПЕТРУШЕВСКИ“ - Со овој проект е предвидена изградба на нова фискултурна сала за потребите на АСУЦ „Боро Петрушевски“, која ќе се гради во дворот на средното училиште. Новата фискултурна сала ќе има приземје со вкупна површина од 1015 квадратни метри, како и кат со вкупна површина од 408 квадратни метри, или вкупната површина на новиот објект ќе изнесува 1423 квадратни метри. Објектот е долг 54,5 метри и широк 19,9 метри, додека висината изнесува 8, 6 метри. Новиот објект ќе има голема спортска сала, пинг-понг сала, мала гимнастичка сала, простор за реквизити, три гардероби, тоалети и просторија за професори. За реализација на првата фаза од проектот за изградба на фискултурна сала за потребите на АСУЦ „Боро Петрушевски“, Град Скопје ќе издвои 10.859.769 денари, а градежните работи ќе ги изведува ГП „Гранит“.

* РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПАРК МАКЕДОНИЈА – 3 ДЕЛ - Новиот дел од паркот ќе биде реконструиран на површина од 10.000 метри квадратни, од кој Градот Скопје ќе уредува зелена површина од околу 6.000 квадратни метри, на којашто ќе постави систем за наводнување. При уредувањето на овој парк нема да биде исечено ниту едно дрво од веќе постојните, а дополнително ќе бидат засади уште 61 садници. За реализација на овој проект од Буџетот на Градот се издвоени околу 4 милиони денари. Општина Крпош ќе уредува партерно околу 4.000 квадратни метри, за кој од буџетот имаат издвоено околу 20 милиони денари.

За потсетување, оваа година започна и заврши реконструкцијата на улица број 5 во Сарај, каде за реконструкцијата на оваа улица на потег во должина од 600 метри, Град Скопје издвои околу 3 милиони денари.