Градежен бум во Скопје: реконструкција на булевари и улици во сите општини

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски најави дека до средината на наредната година ќе финишира изградбата на сите булевари кои во моментов се градат. Булеварите „Србија“, „Борис Трајковски“, „Трета Македонска бригада“, „Христијан Тодоровски Карпош“ ќе го добијат својот финален изглед. Секоја од инвестициите чини и по неколку милиони евра.

-Ова се проекти кои ќе значат многу за подобрување на сообраќајот и движењето на возилата во градот Скопје, за екологијата, за безбедноста. Исто така, најавуваме и нови проекти кои што ќе значат и дополнително подобрување на сообраќајот  во Скопје. Во секоја од општините, ниту една општина нема да биде заборавена. Во Сарај ќе се реконструира главната улица, во Ѓорче Петров ќе има реконструкција на вториот дел од „Борис Сарафов“ заедно со атмосферска канализација. Во Карпош ќе се реконструира улицата Лондонска и кружниот тек кај Хубо маркет. Во Центар ќе работиме на кракот од „Теодосиј Гологанов“ до „Климент Охридски“, кружниот тек, проектирањето на јужниот булевар од кружниот тек до рампата Кисела Вода, со неколку кружни текови позади Рамстор, истакна Трајановски.

Во рамки на најавениот „градежен бум“ ќе влезе и реконструкцијата на улиците „Народни херои“ и „Есенинова“ во Кисела Вода; „Февруарски поход“ и  „Васко Каранѓелески“ во Аеродром; Влезот во Скопје од страната на автопатот во Општина Гази Баба; Пластичарската улица и „Втора Македонска бригада“ во Чаир; Улиците околу кружниот тек во Бутел и низа други помали сообраќајници на различни места во градот.