Град Скопје ја усвои забраната за доставување на стока од 7:30 до 18 часот

Советот на град Скопје на вчерашната седница како една од мерките за намалување на загадувањето ја усови одлуката со која се забранува доставување на стока во периодот од 7:30 наутро до 18 часот од 1 декември до 31 март, односно истата ќе се врши во периодот од 18 до 7:30 часот, со запирање и паркирање не подолго од 15 минути.

Оваа одлука е со цел намалување на загадувањето на подрачјето на Град Скопје, што е предвидено и со „Препораките на Интервентната акциска група за итните мерки против загадувањето на воздухот“ од 15.12.2017 од страна на Владата на Република Македонија.

Намалувањето на движењето на возилата кои вршат доставување на стока ќе придонесе и за намалување на загаденоста во воздухот, истакнуваат од Градот.

Град Скопје ги информира сите засегнати страни дека Секторот за сообраќај ќе изврши усогласување на издадените одобренија – повлекување и издавање на нови одобренија во согласност со одредбите од одлуката.

Оваа одлука влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.