Голем одѕив на крводарителската акција по повод празникот Голема Богородица

Во Домот на АРМ во Скопје денеска од 9 до 11 часот, 85 граѓани даруваа крв во рамки на 17-та традиционална крводарителска акција по повод празникот Голема Богородица, во организација на Општинската организација на Црвен крст – Центар во соработка со Институтот за трансфузиона медицина.

Од Општинската организација на Црвен крст оценија дека акцијата се одвива одлично и очекуваат да се зголеми бројот на крводарители во текот на денот.

Целта на акцијата е да се обезбедат поголеми количини крв во летниот период, заради можностите од недостаток на крв и крвни деривати.

Валентина Колеска, секретар на општинската организација на Црвен крст – Центар потенцира дека веќе 17 години, околу 150 нови крводарители постојано се приклучуваат на акцијата. Има сѐ повеќе млади луѓе, првократни дарители.

– Оваа акција покажува резултати на голема хуманост на граѓаните на град Скопје. Во 2003-та година, кога првпат беше организирана, бројката на крводарители беше 146, додека како резултат на нејзината традиција и препознатливост, во 2018 година 264 граѓани ја покажаа својата хуманост со дарување на крв, изјави Колеска.

Организаторите велат дека традицијата покажува резултати на голема хуманост на граѓаните на град Скопје. Вкупната бројка на реализирани крвни единици за овие 16 години е 3.708 крводарувања, или во просек 232 крводарители по акција.

Бојан Тодоровски, лекар во Институтот за за трансфузиона медицина, одговарајќи на новинарско прашање која е најдефицитарна крвна група во нашата земја, посочи дека и кај нас, како и глобално, најретки се крвните групи со РХ негативниот фактор тоа  е Б негатив и АБ негатив.

– Но, ние располагаме со доволно количини резерви на сите единци крв, но и во секој момент имаме база на податоци преку која повикуваме ако треба дарители на крв, рече Тодоровски.

Минатата година на 28 август Бојан Станоевски, видел плакат за крводарителската акција и тоа го инспирирало првпат да дојде во Домот на АРМ и да дарува крв. Денеска тој даруваше крв по трети пат.

– Се чувствувам убаво, пред се, тоа е првата работа. Дефинитивно овие акции значат нешто или многу за некој друг за да се спаси нечиј живот. Ова е позитивна работа, да се направи нешто добро за да се спаси нечиј живот, изјави Станоевски.

Марјан Георгиев дарувал крв повеќе од 20 пати и се чувствува, истакна, одлично.

– Да се помогне каде што треба, на многу луѓе им е потребна крв, а ова е нешто многу малку да го направи секој со добро здравје како добро дело, изјави Георгиев, повикувајќи ги граѓаните да бидат крводарители, затоа што, секој од нас е во одреден момент супер херој.

Инаку, на годишно ниво се прибираат од 52.000 до 55.000 единици крв.

– Во текот на целата година имаме доволни количини крв од сите крвни групи. Некогаш се случува да недостига одредена крвна група која е поретка и затоа апелираме до граѓаните да не даваат лични апели, туку сето тоа да оди преку Институтот за трансфузиона медицина. И да недостига крв кај нас можеме за два часа да обезбедиме крв од Битола, Штип, Велес, каде ја има одредената крвна група, велат од Институтот за трансфузиона медицина.

Крв може да даруваат не само лица на возраст од 18 до 65 години, туку и меѓу 17 и 18 години, за што треба писмена согласност од родител или старател. Во нашата земја само 15 до 18 отсто од жените даруваат крв, а мажите 82 отсто до 83 отсто.