Го перат скопскиот срам- Кратово и Берово нудат сместување за време на Супер купот за ниска цена

Повеќе од една недела странските медиуми пишуваат за енормно високите цени за ноќевање во хотелите и хостелите во Македонија, особено во Скопје, во пресрет на одржување на фудбалскиот Супер куп на Европа, меѓу англискиот прмиерлигаш Манчестер Јунајтед и шпанскиот Реал од Мадрид, што ќе се одржи на националната арена "Филип Втори", на осми август.

Според британскиот таблоид "Мирор", македонските угостители сакаат да се збогатат преку ноќ, нудејќи сместување по цена од 1.000 евра за една вечер, што енормно скапо и за еден Англичанец. Својот глас поради енормно високите цени го кренаа и од Македонското здружението на фанови на Манчестер Јунајтед, кој од угостителите и фудбалските фанатици побараа да понудат поевтино сместување за навивачите на "црвените – ѓаволи".

Во Кратово се нуди сместување по прифатливи цени. Двокреветна соба со појадок чини 80 евра за ноќ со појадок, а цената по лице е 40 евра. Во луксузните апартмани може комотно да се сместат по три лица и тоа чини 130 евра од ноќ.

Што се однесува до превозот до Скопје, повратна автобуска карта чини 300 денари (5 евра), практично џабе за еден Англичанец или Шпанец. Кратово е одалечено од Скопје 65 километри и со автобус се стигнува за еден час.

Слободни капацитети има и во хотели во Берово, кое е одалечено 122 километри од Скопје. Во овој мал град од внатрешноста цените по лице се движат од 20 до 100 евра за ноќ по лице, во зависност од луксузноста на локалот, дали е вклучен појадок и интернет, а некои нудат и превоз до Скопје за време на Супер купот, пишува Вечер.