Глупоста е најголемиот непријател на општеството

Прашувајќи сее како е возможно речиси цела нација да подлегне на идеите на Хитлер, Дитрих Бонхофер, германски пастор и борец против нацизмот, ја напишал оваа прекрасна анализа за човечката глупост.

Глупоста е најопасниот непријател на доброто, поголем непријател отколку злото. Против злото можеме да се буниме, злото може да се разоткрие, а кога е неопходно може и да се спречи со сила. Злото во себе секогаш го носи и зрното на сопственото уништување, затоа што кај луѓето (ако ништо друго) предизвикува неудобност.

Немоќни сме против глупоста. Тука ништо не можеме да постигнеме со протести или сила. Аргументите не вредат, никој едноставно не верува во фактите кои зборуваат против претходно оформените мислења и во таквите случаи дури и глупакот е критичен...

Освен тоа, глупакот, за разлика од лошиот човек, секогаш е во потполност задоволен самиот од себе. Да, тој дури е и опасен затоа што лесно се раздразнува и почнува да напаѓа. Затоа мораме да бидеме попретпазливи со глупакот отколку со злиот човек. Никогаш повеќе не треба да се обидуваме да го убедиме глупакот со аргументи, затоа што тоа е бесмислено и опасно.

За да знаеме како да излеземе на крај со глупоста, мораме да се обидеме да ја сфатиме нејзината суштина. Едно е сигурно: глупоста во суштина не е дефект на интелектот, туку на човечноста. Има луѓе кои се интелектуално потковани, но глупави, а имаме и луѓе кои можеби и не се толку интелегентни во општоприфатените рамки, но не се глупави. Тоа самите го откриваме во одредени ситуации, на наше големо изненадување.

Чувството дека глупоста е вродена слабост не е толку силно како чувството дека луѓето самите дозволуваат да бидат затупени. И можеме да видиме дека луѓето кои живеат одвоено од другите, кои се осамени, поретко ја поседуваат таа маана од луѓето или групите луѓе кои постојано имаат потреба да бидат со други луѓе.

Се чини дека глупоста повеќе е социолошки отколку психолошки проблем. Таа е резултат на делувањето на одредени историски околности, психолошки феномен кој следи одредени околности.

Ако го разгледаме тоа малку подетално, ќе видиме дека развојот на силите во политиката погодува најголем број луѓе. Звучи како некој општествено-психолошки закон. Моќта на едните зависи од глупоста на другите.

Некои човечки способности, како на пример интелектуалните, никогаш не се намалуваат, ниту пак исчезнуваат, туку впечатокот којшто развојот на моќта го остава на одредени луѓе ја одзема нивната независност. Во таквите ситуации, тие, повеќе или помалку свесно, се откажуваат од независноста.

Тоа што глупакот често е и тврдоглав, не смее да нѐ заведе да поверуваме дека тој е независен. Уште од самиот разговор со нив ние забележуваме дека немаме работа со нив, туку со слогани, пароли, итн., кои потполно ги заробиле.

Тој човек е опседнат, заслепен, злоупотребен како битие. Тој е претворен во инструмент без волја и во таква состојба тој е способен да прави зло, а истовремено не го препознава тоа како зло. Тука лежи опасноста од ѓаволски злоупотреби кои засекогаш можат да го уништат човекот.