Германскиот филм ја разбуди кино публиката

Пред преполната сала во киното Миленум, вчеравечер беше успешно отворен 13. по ред фестивал на Новиот германски филм. Турканици на врата од киното Милениум за филмот „Чик“ кој го означи стартот на фестивалот.

Фестивалот,од денес се сели во киното Фросина во рамките на Младинскиот културен центар. Останатите девет филмови ќе бидат прикажани во оваа кино сала.

Особеност на овој фестивал е што филмската понуда не претставува само ексклузивно уживање за скопската публика, туку филмовите на престојниот фестивал ќе може да ги погледне публика и во Битола, Прилеп, Охрид, Велес, Тетово, Кавадарци, Штип и Струмица.

Останатите девет филмови се: комично сатиричниот „Тој е повторно тука“ во режија на Давид Внент, драмата „Поздрави од Фукушима“ во режија на Дорис Дери, научно фантастичниот мистичен трилер „Ние сме плимата“ во режија на Себастиан Хилгер, трагикомедијата „Тони Ердман“ во режија на Марен Аде, детскиот филм „Авантурата на Нели“ во режија на Доминик Весели, филмот за деца и младинци „На иста висина“ во режија на Јоахим Долхопф и Ефи Голдбрунер, драмата „Време на канибалите“ во режија на Јоханес Набер, драмата „Херберт“ во режија на Томас Штубер и драмата „24 недели“ во режија на Ане Зохра Берахед.

Цената на билетите за 7те филмови, кои се наменети за публика над 12 години чини 100 денари, а цената за двата детски филмови, кои ќе бидат прикажани на 8 октомври е 50 денари. Проекциите во градовите од внатрешноста се бесплатни.