Фризерите бараат помош од државата оти бизнисите им пропаѓаат

Фризерите со јавно обраќање до надлежните:

Не обвинуваме, сите сме затекнати, Вие не ни дадовте никакви препораки ниту за заштита, ниту за работа. Ние самите одлучивме дека препорачаните мерки растојание од клиент, избегнување контакт, дезинфекција и слично се невозможни при нашата дејност. Ние никаде не добивме препораки од никого. Веруваме дека во вашите регистри ние не се ни водиме како затворени во вонредна состојба.

Вие нас не нe ставивте во ниту една група. Ние свесно и самоодговорно затворивме. Свесни за ризиците по нашето здравје и здравјето на нашите клиенти. Олеснувајќи ја со тоа вашата работа и одговорноста за не ширење зараза. Ние сме одговорни кон сите и ве замолуваме сега за ваша одговорност кон нас и совет што да се прави.

Кирија, давачки, струја и вода?

Колкупати сте побареле од нас да ве убациме некаде измеѓу термини? Ете така и ние сега ве молиме вас да не убаците меѓу тие големите стопански објекти.

Ние чесно и вредно си ја работиме работата. Одговорни сме кон нашите клиенти, свесни сме дека нашата заработувачка зависи замо од нас и од никој друг. За тоа и доѓаме сабајле во 6, остануваме навечер до колку и да треба кога клиентите тоа го бараат. Посветени сме максимално. Не бараме субвенции, не кукаме за покачување на цена на нашите продукти. Ние се прилагодуваме на сите можни ситуации.Редовно си плаќаме и даноци и давачки.

Во нашите салони е дел од нашиот, но и вашиот живот. Маалските приказни, семејните проблеми, радосните вести и подготовките за славјата, родендени, крштевки мекици и свадби. Овде во нашите салони се носат многу одлуки. Стрижење на косата, драстична промена на бојата, враќање на насмевката и расположението. Ние фризерите сме посебно врзани со муштериите како и тие со нас – велат во писмото до јавноста и надлежните.