Фото: Како изгледа и како се користи маслото од канабис

Од вчера низ аптеките во Македонија е достапно масло од канабис кое се издава без лекарски рецепт, кое содржи количина на THC помалку од 0,2 %, со две различни концентрации на CBD – од 5% и 7%.

За што може да се користи

Грчеви во мускули, гадење, повраќање, воспаление, побрза регенерација на мали ранички, подобрување на работата на срцето, при покачен холестерол во крвта, состојба на стрес, анксиозност, нервоза, депресија...се дел од случаевите во кои се користи оваа масло.

Како се користи

Дневно од маслото се употребуваат по пет капки, два пати, кои се капнуваат под јазикот и се задржуваат околу 60 секунди пред да се голтнат.

Можат да го користат и возрасни и деца.

Цена

Цената на маслото, во зависност од тоа каква маржа ќе одредат самите аптеки, се движи од околу минимум 2.400 денари за масло со 5% ЦБД, и околу 3.000 денари со 7% ЦБД.

Кој го произведува

Моментално во аптеките се продава единствено маслото без рецепт на македонската компанија Реплек, која во следниот период на пазарот ќе се појави и со масло, кое ќе има поголема концентрација на THC, кое ќе се продава со рецепт од лекар.

Интересот за влегување во овој нов бизнис кај нас секојдневно расте, изјави неодамна за еМагазин, Марија Дарковска Серафимовска, директорката на Националната агенција за лекови (МАЛМЕД).

Таа вели дека постои и интерес од домашни и странски компании, и за организирање на целиот процес на производство, од одгледување на билката-канабис до производство на екстратите во земјава.

Во случајот на „Реплек„, станува збор за увоз на билката-основната суровина.

„Зголемениот интерес значи дека ќе има конкуренција на пазарот и дека ќе се формираат поповолни цени, што оди во прилог на лицата, кои ќе ги користат овие лекови. Ова е нов бизнис кај нас и најважно од се е дека секој лек што ќе се појави на пазарот ќе биде строго контролиран“, вели Дарковска Серафимовска.

Интерес има и од компании, кои само би ги увезувале овие лекови.

Злоупотреба

Поради ниската концентрација на THC (екстратот од канабис), уште на старт е исклучена можноста за злоупотреба на маслото, во случаеви кога некој би земал повеќе од потребната дневна количина.

Сосема други ефекти ќе има маслото кое ќе се купува со рецепт и кое допрва треба да се појави на пазарот.

Маслото од канабис, кое лица кои имаат потреба, го купуваат на црниот пазар е со концентрација на THC од 10 до 17%.

Емагазин.мк