Филмот „Малиот гангстер“ патува во повеќе од 22 кина низ Македонија и истовремено се прикажува на Video on Demand

Детскиот холандски филм „Малиот гангстер“ од 20 април истовремено ќе се прикажува во кината во Македонија, Албанија и во Хрватска и на Video on Demand платформа, синхронизиран на македонски, албански и хрватски јазик.

„Гангстерски“ фамилијарен филм за млади и стари според книгата на Марјон Хофман. Станува збор за еден од најдобрите холандски семејни филмови во последните години.  Победник на најголемите филмски фестивали за деца во светот – „Синекид“, „Џифони“, „Оулу“, фален од жирито и од публиката. Комедија со шмек на американските гангстерски филмови. Духовита ода за училишните згоди и незгоди. Филм наменет за најмладата публика од 8 до 14 години и сите што сакаат одлична комедија.

Првпат истовремено прикажување на еден единствен филм во еден единствен ден во повеќе киносали и на Video on demand платформа во три земји. 

„Малиот гангстер“ во Скопје ќе има проекции истовремено и во киното „Милениум“ (од 13 часот и преку организирани училишни посети) и во киното „Синеплекс“ (секој ден од 15.10 и од 17.10 часот), како и на Video on demand платформата „Синесквер“ ( cinesquare.net) преку која буквално ќе може да се гледа во секој дом на компјутер или телефон со интернет врска.

Низ републиката, филмот ќе се прикажува во повеќе од 22 градови.  

Преку платформата „Синесквер“ филмот ќе се прикажува онлајн  и во Албанија и Хрватска, каде истовремено од 20 април ќе се прикажува и во киносалите во повеќе градови.

Што е тоа day-and-date проекција?

Day-and-date проекција е кога еден филм во истиот ден почнува да се прикажува во кино, излегува на дивиди и почнува да се прикажува на ʻvideo on demandʼ каналите, кои со претплата или со изнајмување овозможуваат проекција на телевизор, компјутер или телефон. Помалите филмови го користат овој начин на прикажување неколку години. Една успешна приказна е драмата „45 години“, која беше номинирана и за „Оскар“. Филмот стана најпрофитабилен и најшироко распространет игран филм, којшто ја користи оваа стратегија на прикажување, со заработка од околу 2.5 милиони евра и покрај тоа што беше достапен и во домовите во исто време.

За проектот

Проектот „Катавеј онлајн и офлајн: Нови дигитални форми за филмска дистрибуција на Балканот“, кој беше поддржан на повикот за иновативни дистрибутивни модели од МЕДИА програмата на Креативна Европа, почна да се реализира од ноември 2016 година. Во рамки на првиот дел од проектот успешно беше реализиран дистрибутивниот модел наречен festival to date. Станува збор за премиерно прикажување филмови истовремено на фестивали и онлајн.  Овој модел подразбира дека еден филм ќе биде прикажан истовремено во еден единствен ден и еден единствен час на одреден/и фестивал/и и на Video on Demand платформа.  Проекцијата се случи на 11 ноември во 17:00 часот со премиерно прикажување на холандскиот филм „Чисти раце“ на фестивалот на европски филм “Синедејс“ и на Меѓународниот филмски фестивал во Тирана, а истовремено филмот беше достапен и на VoD платформата „Синесквер“ (Cinesquare.net). Прикажувањето го координираа „Катавеј“ и Филмскиот институт од Тирана.  

Кон одлуката за поддршка на овој проект го приложуваме и мислењето од специјалистите од МЕДИА:

„ Проектот одговара на специфичностите на балканскиот пазар / празнина и се потпира на веќе постоечките модели тестирани во други територии. Пристапот е ефикасен, иновативен за тој регион, одржлив е и има транснационална димензија (се простира на три територии со партнери на тие територии). Предложената стратегија за развој на публика сугерира дека овој пилот има потенцијал за создавање на додадена вредност со јасно дефинирани целни групи млади / семејства онлајн и офлајн.“

За филмот

„МАЛИОТ ГАНГСТЕР“

Жанр: детски филм / семеен филм / гангстерска комедија

Улоги: Тор Браун, Хенри ван Лоон, Мерал Полат, Рик Ленс

Режија: Арне Тонен

Холандија, 2015, 1 час 41 мин., 6+

Рик е уморен од секојдневните тормозења на училиште од страна на силеџиите, па смислува трик како да ги измами сите да мислат дека татко му е мафијашки шеф за да го остават намира.

Рик Боскамп, син на просечен сметководител, сака само една работа во животот: да не го малтретираат повеќе на училиште. Инспириран од еден мафијашки филм, смислува итар план. Тој ќе ги натера неговите да се преселат во едно село каде татко му ќе го претстави како озлогласениот шеф на мафијата Пауло Боскампи. Планот е успешен! Рики Боскампи веќе не го тормозат, напротив. Сите се плашат од Пауло и го почитуваат. Сѐ додека не се појави силеџија од минатото. Уште колку долго Рики ќе може да држи чекор со сопствената лага?