Филмот „Џган“ добитник на награда на овогодишниот ПРИФЕСТ во Косово

Филмот „Џган“ ја освои FIPRESCI наградата на жирито на овогодишниот ПРИФЕСТ, во Приштина, Косово, со што го задржува приматот на еден од најуспешните македонски филмови од поновата македонска историја.

Меѓународниот филмски фестивал во Приштина (ПРИФЕСТ) е фестивал на долгометражни филмови поставен во најмладата земја на Балканот, Косово. Основан е во 2008 година, а оваа година го има своето деветто изданиe.

Меѓународниот филмски фестивал во Приштина е најважниот филмски настан што се одржува во Косово. Фестивалот се состои од четири натпреварувачки програми: Програмата за европски филм, Програмата за филмови во конкуренција од Балканот, во којашто и се натпреваруваше „ЏГАН”, Програмата за среднометражни филмови (составена од филмови од 25-60 минути) и од оваа година, Програмата за документарен филм како официјална натпреварувачка селекција.

По светската премиера во Чикаго и многуте светски фестивали филмот „Џган“ продолжува да реди фестивалски успеси. Тој своето прикажување пред косовската публика во секцијата „Хани енд блад синема” го имаше на 16 јули во присуство на продуцентот Огнен Антов, режисерот Вардан Тозија и главниот актер Мартин Ѓоргоски.

Македонски продуцент на филмот е Дрим Фектори, ко-продуцент на филмот е Ред хеликоптер филмс од Албанија. Филмот е финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија и SEE Синема нетворк.

Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. Во филмот од останатата актерска екипа играат и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски и др.

Поведен од слоганот на филмот дека „Никој не е роден насилен”, Вардан Тозија го изработи и сценариото и режијата, дизајнот на шминката и маските ги изработи Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на Звук е Игор Поповски, музиката ја работеше Александар Пејовски, сценографијата е дело на Кирил Спасески и Наташа Димитриевска, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер е Атанас Ѓеоргиев, кастингот го работеше Кирјана Николовска, а продуцент на филмот е Огнен Антов.