Филипче: Најновите предвидувања велат дека ситуацијата со Ковид-19 ќе трае до 2022-та година

Министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашното гостување на „ТВ Телма“ предупреди и апелираше до сите граѓани дека уште долго време ќе мора да живееме со мерките за заштита од коронавирусот.

„Ова ќе трае. Нема да прекине ниту до крајот на годината, ниту до почетокот на наредната година. Има предвидувања дека дури и по вакцината ваквата состојба со коронавирусот ќе продолжи. Некои од најновите предвидувања велат дека вирусот ќе трае до 2022-та година. Предвидувања од еминентни медицински списанија. Мора да научиме дека треба да живееме носејќи маски и држење социјална дистанца“ – изјавил Филипче.

Според министерот за здравство во тек е и дискусија за тоа дали е потребно да има тестирања на лицата кои ќе патуваат, а еве што вели тој за тоа: 

„Многу веројатно дека нема да се бараат тестови заради тоа што не претставуваат апсолутна гаранција или сигурност. Претставува некаква сигурност ако е во комбинација со домашната изолација или карантините. Но, имајќи предвид дека ако се отворат границите и голем број луѓе ќе почнат да патуваат и тоа нема да биде само меѓу луѓето во регионот и нема да бидат посети од една во друга земја, туку ќе има многу патници кои ќе транзитираат низ некоја земја, тоа ќе изгуби смисла“ - изјавил Филипче.

Во однос на изборите, Филипче вели дека мерките не се предложувале или пак се калкулирало со нив за да се создаде терен за одржување на изборите:

„Впрочем и сега во ниту еден момент не беше побарано од Комисијата за заразни болести да каже дали треба или не треба да има избори, туку беше побаран стручен протокол како, ако се одржат изборите, тие треба да се спроведат и ние тоа го направивме“ - истакна министерот.