Филипче: ГАК подготвена, важно е да го зачуваме здравјето на родилките

Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција апелираше сите пациентки кои доаѓаат на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје да се придржуваат до дадените насоки, да ги кажуваат точните информации, бидејќи тоа е исклучително важно за зачувување на здравјето на родилките.

– Таму има и една операциона сала целосно посветена на пациентки на кои ќе им биде дијагностициран или се високо суспектни за коронавирусот, со тим спремен да постапи во вакви случаи, рече министерот Филипче.

Тој појасни дека на Клиникатата за гинекологија и акушерство во Скопје се третираат и породуваат сите родилки, со оглед на тоа што во ГОБ „8 Септември“, каде се прават другите интервенции за пациенти суспектни или позитивни на коронавирусот, нема гинеколошко-акушерско одделение. Со цел да се растовари работата на Клиниката, во договор со болницата во Чаир, како што рече, другите случаи по потреба се упатуваат таму за да се ослободат капацитетите.

Прашан каква е состојбата на ГАК и дали се размислува евентуално за мерки по примерот на Центарот за рехабилитација во Козле, Филипче рече дека секоја јавно-здравствена институција има добиено наредба пред неколку недели да се организира патот, патеката на движење на пациентите кои се суспектни на коронавирусот.

– Имајќи предвид дека ГАК е единствена клиника каде ќе се вршат комплексни породувања и оперативни интервенци, таму капацитетот и тимот на лекари, медицински сестри е целосно спремен да се справи со предизвиците со третманот и породувањата регуларни и оперативниот третман на пациентките на кои им е таков третманот, индициран, рече Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање ако да дојде до затворање на ГАК, дали Клиниката во Чаир е подготвена да одговори на потребите и дали приватните болници ги поnудиле своите капацитети, Филипче рече сите приватни болници уште на почетокот на кризата ги понудиле своите капацитети за лекување на овие пациенти и при тоа повторно упати јавна благодарност до сите нив.

– Почитувани се сите протоколи за изолација. Нема простор за паника. Гинеколошко акушерската клиника е место каде има целосно изолиран дел за породување и оперативен третман на овие пациентки, одговори Филипче.

Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, појасни дека по 14-дневна изолација доколку граѓаните немаат симптоми не треба да се тестираат и оти така се постапува со сите.