Филипче: Чекаме став од Атина за тоа како ќе се минуваат границите

Со грчкиот колега разговаравме за неколку опции што треба да ги дефинираме за отворање на границите. Денеска официјално го испративме писмото, врз основа на заклучоците од нашиот состанок, во кое чекаме грчкиот колега повратно да ни одговори на дефинитивниот став за тоа како ќе се минуваат границите, односно дали тоа ќе може да биде без тестови, потоа за начинот како ќе се скрати времето на чекање на самите гранични премини, да се избегнат големите гужви што сметаме дека е ризик и за опцијата да се пружи бесплатно лекување на сите заболени од неколку околни земји, заради тоа што тој документ потоа сакаме да го дадеме и на други соседни земји ако некој заболи од коронавирусот.

Ова на денешната прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа кога ќе се оворат границите.

Прашан за тоа како го коментира зголемувањето на процентот на заболени во последнава недела кога во однос на бројот на тестирања во просек имаме 10 проценти заболени, Филипче нагласи дека  кога се носат одлуки за попуштање на мерките не се земат предвид само вкупниот број позитивни од направените тестови, туку и голем број други фактори.

– Тоа се седум/осум фактори, не е само процентот на новодијагностицирани пациенти и процентот на бројот на пациенти во болниците, бројот на слободни болнички кревети, бројот на слободни респираторни машини, бројот на пациенти на респираторна машина, бројот на пациенти во тешка клиничка слика, процентот од пациентите за кои знаеме кое е потеклото на болеста, односно како се заразиле и секако Р0 факторот. Бројни фактори што ги евалуира и СЗО. Тоа што ни укажува дека и покрај тој зголемен број новодијагностицирани, епидемијата ја имаме под контрола е што многу други параметри во многу други градови опаѓаат и вкупен број на заболени итн. Во таа смисла тоа се повеќе фактори кои се евалуираат и врз основа на кои се носат такви одлуки дали некои мерки ќе се попуштат, а ние согласно тоа го направивме и планот за попуштање на мерките по соодветните протоколи, рече Филипче.

Во документот кој беше побаран од претседателот Пендаровски, вели Филипче, апсолутно стои дека треба да се избегнуваат големи собири и дека мора какви и да се тие собири да се придржуваат до правилата кои и сега важат.

– Во овој момент има важечки уредби за носењето маски и за одржувањето на дистанцата, така да апсолутно препорака на Комисијата за заразни болести е големи настани и собири да не се одржуваат и тоа е јасно ставено во тој документ, додаде Филипче.