Фенербахче на колена пред Вардар, голема победа на македонскиот шампион!

Вардарци ги искористија своите шанси и можеби иако не го надиграа премногу противникот - обезбедија комотна предност пред реваншот во жешкиот Истанбул. Првиот гол беше дело на Тигран Барсегјан, додека во вториот дел, комичен автогол си постигна Топал, за конечни 2-0.

Натпреварот меѓу македонскиот и турскиот гигант се играше прилично мирно дури 20 минути. Играта се одвиваше претежно на средината на теренот, а двата тима тактизираа и не се отвораа премногу. Се до првиот погодок на мечот, кој падна во 20. минута, а го постигна Тигран Барсегјан.

Ерменскиот фудбалер кој играше како напаѓач доби одлична топка во длабочина, излезе еден на еден со голманот Камени и моќно шутираше по земја, за голема радост на „Телеком арената“ и водство на македонскиот првак.

Осум минути подоцна, Фенербахче ја имаше најдобрата шанса на мечот, преку Дирар, кој откосо биеше кон голот на Вардар, но сепак, Гачевски со одлична парада изби во корнер. Во 34 минута шанса имаше и Алпер Потук, но Гачевски повторно беше на висината на задачата и го спаси Вардар, а пред самиот финиш се закани и Соуза, но неговиот удар мина крај дирекот.

Вреди да се напомене дека Фенербахче постигна гол во вардаровата мрежа пред финишот на првиот дел преку Ал Калдирим, но истиот оправдано беше поништен поради офсајд. Вардар замина на полувреме со предност од еден гол (1-0), а Фенербахче во вториот дел тргна да напаѓа. но повторно делуваше анемично.Тренерот Кочаман за да ја освежи играта во 65. минута од средбата го внесе и Роберто Солдадо, кој го освежи нападот, но сепак, не придонесе многу во наредните 10 минути од средбата. Вардар конечно пак се закани на мечот во 77 минута, преку Фелипе и Хамбарџумјан, но нивните обиди завршија високо над голот.
Фенербахче во последните минути имаше неколку стоотстотни шанси, но за среќа на македонскиот претставник, истите завршија надвор од рамката на голот на Гачевски. Во финишот од мечот македонскиот тим остана и со играч помалку затоа што поради втор жолт картон исклучен беше капитенот Бобан Грнчаров.

Во финишот, Фенербахче си постигна и комичен авто-гол, на Мехмет Топал, кој во обид со глава да ја врати топката до голманот Камени го лобуваше и ја стресе мрежата, за конечни 2-0. Во судиското надополнување со играч помалку остана и Фенербахче, поради исклучување на Соуза.

Реваншот во Истанбул се игра за седум дена.