ЕВН: Евтината тарифа воведена во сите домаќинства

Од „ЕВН Македонија“ известуваат дека е завршена имплементацијата на дневната евтина тарифа за сите достапни броила.

Оттаму велат дека, во согласност планот, приспособувањето на броилата се спроведувало во период од четири отчитувачки недели, почнувајќи од 25 септември до 24 октомври. На екранот на секое приспособено броило се покажува Т2 индикатор во периодот од 14 до 16 часот секој работен ден и сабота.

„И покрај тоа што нашите тимови ги посетиле сите мерни места, потребата од физички контакт на тимовите со броилата го оневозможи спроведувањето на дневната евтина тарифа за недостапните броила. Ова значи дека броилата до кои немавме пристап, сè уште не се приспособени, а тие се најчесто викендици или моментално иселени корисници. ЕВН Македонија во наредните недели ќе продолжи со приспособување на останатите броила кои беа недостапни, како дополнителен план за спроведување на дневната евтина тарифа“, велат од компанијата.