Еден починат и 27 повредени во сообраќајката на автопатот Велес - Скопје

Жена почина по здобиените повреди во вчерашната тешка сообраќајна несреќа кога на автопатот Велес-Катланово се преврте автобус полн со македонски туристи на враќање од одмор од Грција.

Лекарите на Детската хирургија во Скопје биле приморани да ја ампутираат раката на едно деветгодишно девојче. Останатите 25 повредени лица се надвор од животна опасност.

Министерот за здравтсво Арбен Таравари преку својот Фејсбук профил информира дека во болниците во Скопје и во Велес биле примени вкупно 27 повредени патници од превртениот автобус.

- Во клиничкиот центар Мајка Тереза донесени се вкупно 17 пациенти од кои четири на КАРИЛ - еден пациент е со абдоминално крварење, еден со торакална сериозна повреда и двајца со торакални повреди. За жал, еден од повредените им подлегна на повредите, информира Таравари. Еден пациент на детска хирургија, бил итно внесен на операција, а двајца пациенти на Неврохирургија, седум на Ортопедија и тројца во Ургентниот центар се задржани на обсервација.

На Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, се примени шест лица, од кои само еден повозрасен маж е на интензивна нега, но е во стабилна состојба. Сите други пациенти се надвор од животна опасност.

Во Општа болница Велес се примени четири пациенти и сите се надвор од животна опасност.

Во Градската општа болница „8 Септември“ примен е само еден пациент со сериозни повреди. Тој е во стабилна состојба и надвор од животна опасност.

Сообраќајната несреќа се случи синоќа околу 19 часот кога автобус со македонски регистраски ознаки кој превезувал патници кои се враќале од летување во Грција, изгубил контрола и излетал од коловозот на автопатот Велес - Скопје.