Џафери – Ал-Махмод: Ќе продолжи да се интензивира соработката со Катар

Досегашната соработка меѓу Република Северна Македонија и Државата Катар, особено на планот на унапредување и интензивирање на економската и трговската соработка биле тема на денешната средба на претседателот на Собранието, Талат Џафери со в.д. катарскиот амбасадор Хамад Јасим Ал-Махмод.

Како што соопшти собраниската Прес-служба, Џафери изрази надеж дека соработката и односите меѓу двете страни ќе се продлабочуваат, особено економската соработка, и во таа насока, се додава, упати апел до бизнисмените и стопанските комори на двете земји да продолжат да комуницираат интензивно и во наредниот период.

Според него, посетата на бизнисмените и инвеститорите од Катар, реализирана во 2015-та година е доста корисна и значајна за нас, сѐ со цел да се видат предностите за инвестирање во нашата држава.

– Претседателот Џафери изрази особено задоволство што со Катар е воспоставена директна авионска линија, што овозможува подобра и побрза комуникација меѓу граѓаните на двете земји, исто така и за дипломатските односи на резидентна основа, претставени со амбасадите во двете земји, а секако, дека големо олеснување претставува и укинувањето на визниот режим за нашите граѓани кои патуваат во Катар, се посочува во соопштението.

Вршителот на должност амбасадор Ал-Махмод, пак, се нагласува, се заблагодари за средбата со претседателот на Собранието, како и за можноста да разменат мислења и предлози околу понатамошната соработка, и изрази уверување дека за време на неговиот мандат, ќе помогне и ќе даде свој придонес во интензивирањето и зајакнувањето на соработката, како на политички, така и на економски план.

Амбасадорот го информирал Џафери дека во наредниот период, во Катар, ќе се реализира средба со заменикот министер за надворешни работи на нашата држава, на која ќе се прецизираат и потпишат сите преостанати договори кои се предвидени и кои ќе овозможат посилна и поинтензивна комуникација во повеќе области.

Двајцата соговорници се согласија дека меѓусебната комуникација ќе продолжи да се интензивира и во иднина, стои во соопштението.