Дванаесет години без Тоше

Балканот денеска се сеќава на Тоше Проески кој на денешен ден пред дванаесет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.

Како и во изминатите 11 години, на неговото вечно почивалиште во Крушево денеска ќе пристигнат маратонците што трчаат од Нова Градишка. Средното училиште „Наум Наумовски-Борче“ со поддршка на Општина Крушево и на Локалниот младински совет и други институции, угостители, компании и граѓани набави рози кои ќе бидат оставани на патот каде што ќе поминуваат маратонците – од влезот на градот до гробот на Тоше на Гумење.

Непознати песни од Тоше Проески беа објавени во албумот „Secret place” кој беше промовиран минатата година на голем концерт во ноември, кога во чест на Тоше настапија негови колеги – пејачи и музичари од Балканот.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во земјава, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.