Двајца тешко повредени во две од 10 сообраќајки во Скопје

Сопатник и велосипедист се здобиле со тешки телесни повреди во две од вкупно 10 сообраќајни несреќи регистрирани во изминатите 24 часа на подрачјето на СВР Скопје. Во четири полесно се повредени пет лица, а во четири сообраќајки е причинета материјална штета.

Во текот на вчерашниот ден сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци, меѓу кои 16 возачи кои не ги почитувале ограничувањата на брзината на движење, осум возачи го управувале возилото под дејство на алкохол, пет возачи не ги почитувале светлосно сигналните уреди, односно поминале на црвено светло, двајца возачи не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, како и 34 возачи кои го управувале возилото без возачка дозвола, односно нерегистрирано. Затекнати се 72 непрописно паркирани возила.

Санкционирани се и 26 пешаци кои сториле прекршоци по разни основи и четири возачи на велосипед со мотор, мопед и мотоцикл кои не го носеле заштитниот шлем на глава.

Со помош на специјалното возило пајак, отстранети се 91 возило.

Во рамките на сообраќајно воспитната акција „Да ги заштитиме децата во сообраќај“, Одделението за превенција денеска ќе реализира едукативни работилници со учениците во четврто одделение во ООУ „Кочо Рацин, кое се наоѓа на подрачјето на општина Центар.

Во сабота во 17:30 часот во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во рамките на Лигата на шампионите ќе се одигра меѓународен ракометен натпревар помеѓу РК Вардар и Нант, Франција.

Во недела, пак, во 17 часот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во рамките на Лигата на шампионите ќе се одигра меѓународен натпревар помеѓу РК Металург и Бешикташ, Турција.

Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, од сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а во зависност од моменталните состојби можно е пренасочување на сообраќајот.