Два концерта во Скопје на „Хуверфоник“

Белгискиот трип-хоп бенд „Хуверфоник“ вечерва и утре ќе одржи два концерта во Македонската филхармонија во Скопје. Како што соопшти организаторот „Авалон продукција“, концертите ќе се одржуваат во салата која е единствена адекватна кај нас за музиката на овој бенд.

„Хуверфоник“ e белгиски бенд основан во 1995 година кој зад себе има осум студиски албуми, како и неколку компилациски изданија. Кон средината на ноември минатата година, бендот го објави албумот „Looking for stars“, кој содржи единаесет нумери на кои бендот експериментира со повеќе музички жанрови, но сепак останува верен на трип-хопот, чија основа преовладува во целиот носач на звук, а исто така наиде и на одлични критики кај музичките рецензенти.

Публиката во Скопје ќе има ексклузивна можност првпат во живо да ги чуе некои од најголемите хитови кои ја одбележаа кариерата на еден од најголемите трип-хоп бендови на сите времиња како што се легендарната „Mad about you“, „2 Wicky“, „Eden“, „Winegar and salt“ и уште многу други.