Дупки место пат од Маркова Сушица кон Сопиште

Сопствениците на викендички и жителите на Маркова Сушица, место Перковец, Општина Студеничани, веќе подолго време имаат проблем со патот од продавницата поставена на крстосницата за Марков манастир, Козјак кон Добри Дол во нагорнина од наредните 500 метри. Наведениот дел од патот е во катастрофално лоша состојба, со огромни дупки, скоро и невозможно за одвивање на сообраќајот.

Скопјанецот Никола Р., кој најчесто вози по овој пат за време на викендите или за празници за да стигне до Марков манастир вели дека на тој дел од патот речиси и да нема асфалт, состојбата трае веќе подолг период, а никој не презема ништо.

– Колите ги искршивме, цел пат е со дупки. Тоа не се дупки, туку кратери. Еве може да видите и сами. Треба да се стави нов асфалт. Дупките да се пополнат или нека ја асфалтираат улицата, ни изјави Никола.

И луѓето кои деновиве помагаат за подготовка на манастирската слава по повод празникот Свети Димитриј (Митровден) се жалат дека практично е невозможно со натоварено возило да се достават потребните работи до манастирот и мора да се бараат алтернативни заобиколни патишта.

Жителите нè информираа дека пред извесно време оствариле средба со претставници на Општина Студеничани, по што добиле препорака нивниот проблем да го стават во писмена форма и да го достават до градоначалникот Азем Садики.

Жителите од градоначалникот Садики и од општината бараат да се излезе на терен со цел подобро да се запознае и утврди лошата фактичка состојба на патот. Бараат итно пополнување на дупките за да може да се одвива сообраќајот, дури не се пристапи со квалитетно решавање на проблемот.

– Бараме сеопфатно решавање, квалитетно реконструрирање со проширување на улицата и асфалтирање за нормално разминување на две возила според сите стандарди. Условите на теренот лесно овозможуваат да се изврши проширување со мали активности и финансии. Ова наше барање сакаме да влезе во проектите за 2020 година, за да може навреме да се обезбеди буџет и негова реализација, велат жителите на Маркова Сушица.

Граѓаните истакнуваат дека се подготвени да се вклучат на кој било начин да помогнат за решавање на проблемот.

Од Општина Студеничани за МИА информираат дека имале средба со месното население, ги слушнале нивните проблеми и од нив добиле писмено барање кое ќе се разгледува на седница на Советот. Информираат дека нивните служби излегле на терен и оти за 2020 година ќе се потрудат да се изнајдат доволно средства за реконструкција на овој локален пат.

Од Општина Студеничани додаваат дека тие се приградска, рурална општина надвор од Град Скопје и се обидуваат да го решат проблемот во најкраток можен рок.

Од Општина Сопиште за МИА изјавија дека иако овој локален пат е на територија на Општина Студеничани, тие се подготвени за соработка и би се вклучиле во изработка на заеднички проект.

Жителите, пак, изразуваат надеж дека нивниот проблем ќе се реши наскоро, а дотогаш останува да возат по дупки.