Дозвола за фудбалот: Од следната седмица, тимовите можат да тренираат на отворено

Фудбалот во Македонија се враќа во живот. Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека согласно одлуките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, од утре ќе биде дадена дозвола за одржување на тренинзи на отворено за индивидуалните спортови, а веќе од следната седмица дозвола ќе добијат и екипните спортови (фудбалот), за да одржуваат тимски тренинзи. По две седмици, треба да биде дозволено и одржување на тренинзи во затворено, што значи дека ќе може да се активираат и кошарката, одбојката...

Овие препораки на Комисијата за заразни болести во текот на денешниот ден ќе треба да бидат изгласани и од Владата, по што и официјално ќе стапат во сила.

Ова значи дека фудбалот ќе може да се врати во натпреварувачки процес за околу три и пол седмици, сега фокусот се префрла кон Фудбалската федерација на Македонија која треба да одреди термин за продолжување на Првата фудбалска лига, многу веројатно и на Вторите лиги, секако без присуство на публика. ФФМ најави дека ќе организира состаноци со клубовите, ќе го слушне и нивното мислење и потоа треба да биде одреден конечен термин за рестарт на македонскиот фудбал.

Комисијата за заразни болести препорача оваа недела да се отворат и да се стават во функција центри за едукација и обука, семинари за возрасни, авто школи, испитни центри,  спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови како тенис, обложувалници преку шалтер и шопинг молови, но без угостителските дејности. Ќе биде спроведен и скрининг, кој ќе отпочне со вработените во градинките, со цел и тие да бидат брзо ставени во функција на граѓаните.

izvor - www.makfudbal.mk/