Допрете ја вселената на 26ти септември заедно со Сара Мејс

Под покровителство на Град Скопје во вторник, 26ти септември 2017, во 20.00 часот на плоштад „Мајка Тереза“ ќе се одржи голем концерт на Сара Мејс. Истиот е бесплатен и од отворен карактер и гарантира одлична атмосфера под отворено небо за сите.

„Нашите артистички изразувања се изјава на карактерот и енергијата која ја криеме во себе. Ова важи за сите, за секој кој со љубов го испреплетува секое негово делување и чекор. Со желба искрено да го истакнам тоа што мене ме опишува и ме карактеризира заедно со тимот кој работеше на проектот Floating through space се подготвуваме за нешто незаборавно. Сакаме да направиме нешто ново, свежо и специфично и да приредиме забавен концерт од кој никој нема да остане рамнодушен“, рече Сара Мејс.

Македонската пејачка на 1ви септември го направи првиот чекор со песната „Небо“ и понуди нешто што полека ќе го дефинира нејзиниот пат за покорување на вселената.

Вселенскиот брод на Сара Мејс слетува во вторник и предводени од нејзиниот вокал и харфа ќе ѝ се придружат Иван Петровски и Неврус Бајрам на гитари, Дејан Митровиќ на бас гитара, Филип Димишковски на клавијатури, Теа Богатинова и Калина Велковска како вокали, Александар Ванчовски на тапани и Виктор Филиповски на перкусии. Продуцент е Горан Гешовски и албумот се снима во студио Алшар. Екипажот на Floating through space with Sarah Mace е подготвен да ги освои срцата на љубителите на музиката.

Концертот на Сара Мејс е бесплатен и од отворен карактер и секој ќе може да помине 1 час во совршена забава и уживање.