Добро е!

Понекогаш денот ми лизга низ прстите како песок. Некој да ме гледа од страна, би можел со мирна душа да каже дека сум мрзлив. А всушност работите се сосема поинакви.

Таквите денови во кои не правам ништо, ама баш ништо, се всушност вистински благослов. Се движам низ градината на својата душа, ги прочистувам своите мисли, го чистам срцето додека не почне навистина да сјае. И кога одеднаш дента и ноќта накратко разменуваат неколку зборови за време на „премопредавање“ на должноста, во еден момент почнувам да чувствувам вина.

Тоа трае само еден момент. Бргу исчезнува, затоа што погледнувам во мојата дланка и гледам дека откако се исчистил целиот песок, на неа останале неколку сјајни зрна. Време за обичниот човек е исто што е и реката за трагачот по злато. На крајот кога ќе се измие целата нечистотија, во нашите раце останува само она што најмногу вреди.

„Добро е!“