До мојата идна ќерка: Те молам сакај се себеси!

Драга моја убавице,

Сѐ уште не се знаеме, но поврзани сме за цел живот. И знам дека кога ќе се запознаеме тоа ќе биде преголема љубов која моето срце едвај ќе ја издржи.

Но, сакам да ти кажам една многу важна работа: Ти секако ќе бидеш прекрасна, но те молам немој предолго да стоиш пред огледало. Ова го кажувам затоа што и јас кога бев помлада бев опседната со огледала, анализирајќи што ми недостасува во мојот изглед. Но, огледалото не го покажува твојот карактер, само твојот изглед.

Убаво е човек да се анализира, ама да не претерува.

Убавината за којашто слушаш во песните, филмовите и книгите... таа се фокусира на она што е во тебе. Она што Бог ти го дал. Твојата убавина доаѓа од твојата прекрасна душа и предобро срце, а тоа е најчистата форма на убавина која го издржува тестот на времето. Ако се гордееш со оваа искрена убавина, нема да паничиш кога надворешната убавина ќе почне да бледее и ќе почнеш да старееш.

Напротив, тогаш ќе уживаш во секоја брчка, секоја лузна и секоја линија на твоето тело, заедно со твоите подочњаци.

Брчките околу усните и очите ќе ги гледаш како докази дека многу си се смеела во животот.

Сувите раце ќе ги гледаш како раце на една мајка, знак за жена која ја жртвувала младоста на својата кожа за да се грижи за своето дете.

Болките во грбот се доказ за твојата борба за време на пораѓањето, потсетник на твојот најболен, но и најпрекрасен момент во животот.

Твојата возраст ќе биде твоја гордост, затоа што убавината само се зголемува со мудроста и насмевките низ годините.

Драга моја идна ќерко, те молам сакај се себеси!
Сакај се себеси како што те сакам јас, како што те сака и Бог.

И еден ден ќе најдеш маж кој ќе те сака поради сите овие причини!