„ДИВИОТ ТРЕНДАФИЛ“: Македонски уметници од Европските центри во Музеј на град Скопје

Во Музејот на град Скопје ќе биде организиран перформанс од музика и уметност на тројца македонски уметници кои живеат и работат во странство. „Дивиот трендафил“ ќе го обедини ликовниот израз на уметничката Виолета Силјан од Швајцарија, со музичките интерпретации на бас-баритонот Милан Силјанов и пијаното на Стојанчо Василевиќ Баковски, кои за овој настан доаѓаат од Лондон.

Виолета Силјан е меѓународно реномиран уметник, кој живее во Швајцарија, а изложува во повеќе европски центри. По повод 30 годишнот јубилеј на нејзиното творештво, таа се враќа со голема изложба во Македонија и музејот на Град Скопје. Бас-баритонот Милан Силјанов и пијанистот Стојанчо Василевич Баковски живеат и работат во Лондон, а нивното музичко образование е поврзано со Лондонската Школа за музика и драма Гилдхаус.

Перформансот започнува во 20 часот, 27 април 2016, во Салоните 2 и 3 на Музејот на град Скопје. По отворањето од страна на директорот на музејот Љубен Тевдовски, пред македонската публика свое обраќање ќе имаат и тројцата уметници кои работат и се образуваат во европските метрополи.

Избраните ликовни дела, собрани под насловот „Дивиот Трендафил“, опфаќаат повеќе сликарски циклуси создавани во текот на неколку децении творештво на Виолета Сиљан. Почнувајќи од пасажот пред Салонот 2 на музејот и суптилно третираните графички листови застапени во извонредниот циклус „Commedia dell'аrte“, македонската и швајцарска уметница не пренесува преку пет сликарски циклуси во суптилниот свет на жената, за финално со циклус на цртежи да не врати кон машкиот субјект на своето творештво.

Проектот е поддржан од страна на Министерството за култура на Република Македонија.