Дисциплинска постапка за полицајците што без заштитна опрема привеле скопјанец што си го шетал кучето

Внатрешна контрола иницира дисциплинска постапка против полицајците што не носеле заштитна опрема при приведувањето скопјанец кој си го шетал кучето за време на полицискиот час. Како што информира МВР, настанот се случил вчера околу 14.30 часот на улицата Антон Панов во Скопје кога полицијата го привела С. Б. од Скопје.

„По вклучувањето и на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, констатирано е дека лицето во посоченото време било надвор заедно со домашен миленик, спротивно на владината уредба и пропишаното време за прошетка на домашни миленици, така што во согласност со член 206 од КЗ на РСМ лицето било приведено во полициска станица. Исто така, констатирано е дека при преземање на службените мерки и дејства полициските службеници работните задачи ги извршувале спротивно на упатството за начинот на однесување на работниците во МВР во услови на прогласена вонредна состојба предизвикана од појавата на коронавирусот и препораки со цел спречување ширење на коронавирусот без пропишаната заштитна опрема. Следствено на тоа, против полициските службеници, кои презеле службени дејства спротивно на пропишаните правила и прописи од страна на ОВККИПС, иницирана е постапка за утврдување дисциплинска одговорност“, се вели во соопштението.