Димитров бара Собранието да ја разреши Мизрхи

Министерот за надворешни работи Никола Димитров му сугерира на премиерот во техничката Влада, Оливер Спасовски да предложи до Собранието разрешување на техничката министерска за труд и социјална работа, Рашела Мизрахи, по отстранувањето на таблата со уставното име на институцијата.

„Доколку министерката Мизрахи веднаш своето делување не го врати на линија и во рамките на Уставот, му сугерирам на претседателот на Владата, Оливер Спасовски, да предложи нејзино разрешување до Собранието. Укажувам дека во нејзиното делување има и елементи што можат да повлечат кривична одговорност по член 353 и член 390 од Кривичниот законик, но тоа е веќе работа во деолкруг на други државни органи“, рече денес министерот Димитров.

Министерството за надворешни работи за настанот ги информирало меѓународните партнери на Северна Македонија, а во меѓувреме добиле и вербална нота од Грција во која стои „Ова претставува грубо прекршување на член 13, а и член седум од Договорот од Преспа, и доаѓа по повторени прекршувања на овој договор од страна на министерот за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи. Амбасадата го посочува на внимание од Министерството фактот дека Договорот од Преспа кој што претставува стожер на односите меѓу Грција и Северна Македонија и кој го овозможува влезот на Северна Македонија во НАТО Алијансата и нејзината кандидатура за отворање на преговорите за пристапување кон ЕУ со полна и активна поддршка од Грција, мора да биде доследно и постојано почитуван“.

Димитров смета дека е премногу да очекува од министерката Мизрахи да го разбере историското значење на Преспанскиот договор за афирмација на македонскиот идентите,т за заокружување на државноста во Обединетите нации, за зачленувањето во НАТО и за започнување пристапни преговори со ЕУ, но нагласи дека таа е должна да ја разбере сопствената заклетва потпишана во Собранието и сопствената функција, министер за труд и социјала во една техничка Влада и да разбере што значи Устав на една држава оти флагрантното кршење на Уставот повлекува полтичка и правна одговорност.

Тој јавно ја потсети министерката Мизрахи дека нејзина обврска во техничката Влада е да внимава да нема злоупотреби во нејзиниот ресор во контекст на организирање фер и демократски избори.

„Наместо тоа, таа со овој чин не само што го згази Уставот, туку го прекрши и Законот за ратификација на преспанскиот договор, ги проблематизира односите со соседна Грција, создаде проблеми во реализација на дводецениските стратешки цели на татковината – членство во НАТО и во Европската Унија. Државата нема да дозволи ваква инфантилност. Министерството за труд и социјална политика не е нејзин приватен стан, како што Уставот не е обично парче хартија. На министерката може да не и се допаѓа Уставот или договорот од Преспа, но тоа не и дава право да не ги применува. Без начелото на уставност и законитост од државата нема да ни остане ништо. И мене не ми се допаѓа проектот ‘Скопје 2014’ но одам на работа во МНР“, рече министерот Димитров.