Димитар Грбевски и Елена Дончева се добитници на наградата „Златен објектив“

Овогодинешни добитници на наградата „Златен објектив” за 2019 година, која Кинотеката на Северна Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија се филмските работници Димитар Грбевски, монтажер и Елена Дончева, костимограф.

Наградата ќе им биде врачена на 16 мај во 12:00 ч. во киносалата на Кинотеката.

„Златен објектив“ се доделува по повод роденденотна Кинотеката како признание на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира. Досегашни добитници на оваа награда беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков и историчарката и критичарката на филмот Илинденка Петрушева.