Деветчасовен целодневен џез хепенинг под отворено небо

Под мотото "Денес се е џез" (Today it's all about jazz!) на 30 април со почеток во 12 часот на платото пред МКЦ ќе се одржи целодневен џез хепенинг.

Станува збор за манифестација со која Здружението на џез музичари и слободни уметници - ЗЏМ Скопје, се вклучува во мрежата на светски организации кои го одбележуваат Интернационалниот ден на џез музиката за што има и официјална потврда од страна на Телониус Монк Институтот за Џез.

"Овој ден јубилејно се одбележува ширум светот почнувајќи од 2011 година па навака и ги слави придобивките на џез музиката како образовна алатка и сила која води кон мир, единство, дијалог и непречена соработка меѓу луѓето. Под ова мото ќе биде одржан хепенингот кој вклучува концертни настапи на повеќе џез состави од Македонија и интернационални џез музичари", велат од ЗЏМ.

Во 12 часот на само чекор од влегувањето во светот на професионалните џез музичари, студентите од џез-одделот при Универзитетот "Гоце Делчев" од Штип ќе го имаат своето прво заедничко претставување пред пошироката публика. Во 13 часот "Белучи Квартет" - добро познати на џез сцената во Македонија, конечно решија да ги обединат своите сили во еден единствен состав.
На едно место, во исто време ќе ги слушнеме Кирил Кузманов (саксофон), Гордан Спасовски (клавијатури), Кирил Туфекчиевски (контрабас) и Благоја Антовски (тапани). Тие ќе се претстават со свои авторски композиции и џез стандарди.

"Летечки Пекинезери" - составот кој со својот карактеристичен звук кој се движи во рамките на свингот, звуците од '30-тите и '40-тите години на минатиот век, рокабили звукот и музиката на почитуваните мајстори на македонската народна музика, повеќе од 10 години ги обединува слушателите на џез музиката од сите генерации ќе настапат во 14 часот. Во 15 часот настап имаат "Сетхстат", кои веќе двесетина години неуморно ја промовираат македонската џез сцена, експериментирајќи во границите на модерниот џез, панк џезот и слободниот џез, а зад себе имаат шест успешни албуми. Сетхстат не повикуваат на едно музичко патување со себе, во себе и меѓу себе, растегнато врз замислен, но реален свет".

Следуваат Џоле Грујовски Квартет во состав Џоле Грујовски - гитара, Филип Димишковски - клавијатури, Оливер Јосифовски - контрабас и Александар Џигер Ванчовски - тапани. Тие се членовите на овој квартет кој пред публиката на овој настап ќе го исполни новиот музички материјал на Грујовски (16 часот).

"Фиерце" - дел од најмладата генерација македонски џез музичари кои енормно брзо ја освоија публиката ќе свират во 17 часот. Нивниот звук се движи во границите на современиот џез вклучувајќи силни и иновативни рифови, ритмови и мелодии.

Добро познатиот Тони Китановски Трио во состав Тони Китановски (гитара) и Васил Хаџиманов (клавијатури), ветераните на џез сцената, заедно со Виктор Филиповски (тапани), ќе ја почестат публиката со своите добро препознатливи композиции, џез стандарди, но и дел од нивниот нов материјал (18 часот).

Дел од оваа атрактивна музичка програма ќе бидат и Imaginary folklore (19 часот) - космополитска мешавина на три силни музички фигури од Аргентина, Италија и Македонија. Позајмувајќи идиоми и форми од џезот, Етиописката и музиката на Гана, традиционална и современа класика, балканската и јужно-американската музика - музиката на Imaginary folklore ја претставува трансферзалата меѓу континентите, културите и луѓето ширум светот. Во бендот членуваат Лео Џеновезе (пијано, електроника, саксофон, ударни инструменти и вокали), Франческо Марокочи (контрабас, ударни инструменти и вокали) и Александар Петров (перкусии и вокал).

Музичкиот хепенинг ќе заврши во 20 часот со концертот "Битлси" во изведба на ЗЏМ Биг Бенд Оркестарот, под диригентство на Емин Џијан. За сите оние што го пропуштија концертот во МОБ, ова е уште една шанса да се проследи еден од најуспешните џез концерти за минатата година, овој пат под отворено небо.

Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура.