Девет години од смртта на Тоше Проески

Вторник, 6,25 часот, 16 октомври 2007 година. Утро што неповторливо им го измени животот на сите оние што барем еднаш го имаа слушнато гласот на македонскиот славеј, како што го нарекуваа хрватските медиуми. Тоа злокобно утро им го скрши срцето на сите оние што живеат во овој дел од Европа.

На денешен ден, пред девет години македонскиот пејач Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа кај местото Нова Градишка, во Хрватска, на 26-годишна возраст. 

И оваа година, како и претходните, фановите на Тоше организираа настан наречен „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“, на 5 октомври - датумот на кој тој го одржа неговиот последен концерт пред скопската публика. 

Во чест на Тоше, и оваа година маратонци тргнаа од Нова Градишка на 13 октомври и се упатија кон Крушево, неговиот роден град и местото каде почива.

Тоше Проески беше најголемата музичка ѕвезда во Македонија, а талентот и ангажираноста во хуманитарни цели го направија ѕвезда и надвор од границите на нашата држава.