Детали за вооружената драмата пред женскиот затвор во Идризово

По добиена пријава дека во  затворот Идризово пред објектот на женско одделение на затворот биле забележани машки лица со маски на главите, од страна на полициски службеници од секторот за внатрешни работи Скопје  излезено е на лице место и преземени се низа мерки за расчистување на случајот.

Имено, по извршените разговори и други оперативни активности констатирано е дека вчера, во 22 часот и 30 минути затворска службеничка  по добиена информација алармирала дека пред женскиот објект од затворот  имало две непознати машки лица со црна облека кои фрлале предмети кон прозорците од објектот.

Затворската службеничка по радиоврска го известила главниот командирот на КПУ Идризово кој ангажирал дополнително затворски службеници упатувајќи ги кон посочениот објект. Притоа, откако затворските службеници ги забележале двете лица, коишто по претходно предупредување – стој – не застанале, од страна на двајца затворски службеници од службена автоматска пушка и пиштол, во воздух се испукани по два предупредувачки истрела.

Непознатите лица се оглушиле на предупредувањата и побегнале во правец на селото Идризово.

Од страна на полициските и затворските службеници, извршен е преглед на поблиската околина со цел пронаоѓање на лицата.

СВР Скопје продолжува со истрага до целосно расчистување на случајот.