Денови на филигранство

Во организација на Занаетчиската комора- Скопје од денеска до 8 мај ќе се одржат „Денови на филигранството“.

На манифестацијата ќе биде претставен и промовиран филигранскиот занает, кој е дел од македонската традиција, ќе се презентираат многубројни изработувачи на накит од филигран, накит од монистра, полудраги и драги камења, оргонит.

Филигранскиот накит е спој на филигранските техники и вештини и дизајнот, спој на традиционалното и современото – уметничко дело кое ја отсликува нашата култура.

Според Комората, целта на настанот e на едно место да се презентира уметноста, креативноста, дизајнот и умешноста на вредните раце на ракотворците, кои ја испреплеле традицијата, културата на живеење со современото и модерно живеење и создале нешто единствено и вредно.

Во рамки на тридневниот настан, кој ќе се одржува во Скопје Сити Мол, а ќе го отвори претседателот на Занаетчиската комора на Македонија Никола Петров, посетителите ќе имаат можност директно да видат како се изработува филигранот и да дознаат дел од тајните на овој познат и тежок занает.