Денеска се слави Светиот апостол и евангелист Лука

Денес е празник посветен на Светиот апостол и евангелист Лука Лекар и зограф, автор на првите рачно изработени икони Како добар живописец светиот апостол и евангелист Лука ја насликал Богородица со Исус, а подоцна и светите апостоли Петар и Павле, и овие икони се сметаат за први рачно изработени икони.

Именден празнуваат: Лука… Светиот евангелист и апостол Лука е роден во Антиохија. Тој е еден од четворицата евангелисти. Според едни тој им припаѓал на 12-те Христови апостоли, а според други не бил во редот на овие апостоли туку во 70-ученици на Исус. Бил верен следбеник на Христовото учење и го проповедал во повеќе земји низ светот. Особено по смртта на светите апостоли Петар и Павле тој христијанското учење го проповедал во Галија (денешна Франција), Италија, Далмација, Македонија, Грција и др. места. Околу 60-тата година го напишал евангелието но напишал и други дела како што се Дела апостолски. Доживеал длабока старост но не се откажал од проповедите на Христовото учење. Според едни извори на 84 годишна возраст во Грција бил ма*ен и о*есен на маслинка, а според други у*рел од природна с*рт. Телото на светиот евангелист Лука за време на царот Константин било пренесено во Цариград и пог*ебано во црквата на Светите апостоли заедно со телата на свети Андреј Првоповикан и свети Тимотеј.

Бил лекар и зограф. Како добар живописец ја насликал Богородица со малиот Исус, а подоцна и светите апостоли Петар и Павле и овие икони се сметаат за први рачно изработени икони. Некои истражувачи Евангелието по Лука го датираат меѓу 57 и 60 година, додека други го сместуваат по 70-тата година. Своето евангелие светиот апостол и евангелист Лука го започнува како писмо до еден висок достоинственик по име Теофил: Бидејќи мнозина почнаа да пишуваат за настаните, што се случија меѓу нас, како што ни ги предадоа оние, кои уште во почетокот беа очевидци и служители на словото, намислив и јас, откако испитав сè од почетокот да ти опишам точно по ред честити Теофиле, за да ја разбереш основата на учењето на кое си се учел“. Лука1/1-4 Оттука може да се заклучи дека ова евангелие е одбрана на христијанската вера пред римскиот свет“. Меѓу народот се смета за лесен празник што го празнувале само жените. По овој празник селаните започнувале да ја садат раната сорта лук.

Роден е во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и иконописот. Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дојде во Јерусалим и таму Го виде Спасителот лице в лице, ја чу Неговата спасоносна наука и стана сведок на Неговите чудесни дела. Откако поверува во Господ, свети Лука беше вбројан меѓу Седумдесетте апостоли и пратен на проповед. Заедно со Клеопа Го виде воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24). По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се врати во Антиохија и таму му стана сотрудник на светиот апостол Павле со когошто патуваше во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожшците. „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните светиот апостол Павле (Колосјани 4, 14). На молба на христијаните го напиша Евангелието, околу 60 година. После маченичката смрт на апостолот Павле, свети Лука го проповедаше Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места. Ја иконописаше Пресвета Богородица – и тоа не една туку три икони – а исто така, и светите апостоли Петар и Павле. Оттука, свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис. На старост го посети и Горен Мисир. Од Мисир се врати во Грција, каде што со голема ревност продолжи да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост. Свети Лука ги напиша Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја. Имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го о*есија на една маслинка во градот Тива (Теба) Беотиска. Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, беа пренесени во Цариград.

Свети Марин Тарсиски Светиот Марин старец е роден во Тарс Киликиски и живееше во времето на прогонот на императорот Диоклецијан (284-304). Бидејќи беше христијанин, беше фатен и изведен пред началникот на местото Лисија којшто не можеше да го врати Марин назад во идолопоклонството. Откако претрпе големи ма*ења, светиот Марин на крај беше о*езглавен.

Светите Јулијан и Дидим Слепецот Свети Јулијан наречен Пустиник беше Персиец и селанец без школо, но заради чистотата на своето срце беше сад исполнет со благодатта на Светиот Дух. Се подвизуваше покрај Еуфрат во Месопотамија. Имаше дар на прозорливост. Во мигот кога загина Јулијан Отстапник, Свети Јулијан тоа го проѕре со духот и им го објави на учениците. Неговиот современик, свети Дидим Слепец во Александрија, исто така ја проѕре со духот погибелта на Јулијан: беше на молитва ноќе кога му дојде глас од небото: „Денес загина царот Јулијан; извести го за тоа патријархот Атанасиј.“ Свети Антониј Велики многу го уважуваше овој чудесен слепец Дидим, којшто имаше прозорлив дух и навраќаше кај него кога од пустината одеше за Александрија; и заедно Му се молеа на Бога. Овие двајца прекрасни слуги Господови, светите Јулијан и Дидим, се упокоија по 362 година.

Свети Петар Цетињски, митрополит Црногорски Роден е на 1 април 1749 година во селото Његуш. Во монашки чин стапи во својата дванаесетта година. По смртта на митрополитот Сава во 1782 година, Петар стана митрополит и господар на Црна Гора. Сиот свој живот, витешки и свет, овој славен маж му го посвети на својот народ. Внатре работеше со сите сили да ги помири раскараните племиња, а однадвор да ги одбрани земјата и народот од грабливите напаѓачи. И во едното и во другото успеа. Особено се прослави со победата над војската на Наполеон во Бока и Далмација. Кон себе беше суров, а кон секој друг праведен и снисходлив. Живееше во една тегобна келија како прост монах, иако беше кнез на еден народ. Се упокои на 18 октомври 1830 година. Неговите чудотворни мошти почиваат нетлени во Цетињскиот манастир. Господ го прослави и на небото и на земјата како Свој верен и трпелив слуга.