Денеска е празник на љубовта на мајката и детето

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 15 јули.

Денеска е Св. маченици Кирик и Јулита.

Света Јулита беше од царски род. Беше мажена и во бракот имаше син Кирик. Кога Кирик беше на тригодишна возраст остана без татко, а Јулита без маж. Во тоа време тие живееја во градот Иконија, во областа Ликаонија. Наскоро, кога почнаа прогоните при Диоклецијан, Јулита беше принудена со синот да ја напушти Иконија, па се пресели првин во Селевкија, а оттаму во Тарс, во областа Киликија. А во Тарс се случи нивното мачеништво. Света Јулита беше изведена пред суд како христијанка и ставена на маки пред очите на тригодишниот Кирик. А ова момченце воспитано во христијански дух и самото повика дека е христијанин. Управникот на градот, озлобен од ова смело исповедање на тригодишниот Кирик, го турна момченцето надолу по скалите и го уби. Веднаш потоа беше погубена и мајка му. Така се овенчаа со маченички венец свети Кирик и Јулита во 304 година.

Во некои краеви се верува дека свети Кирик штити од кожни болести, посебно од шуга, па овој ден сите болни се бањаат во изворите и реките. Постои и приказна дека овој светец има власт над сончевите зраци и дека со нив лекува.

Постои и обичај да се тргаат плашила од нивата зошто денеска не се потребни, зошто се верува дека свети Кирик ќе ги штити од птиците грабливци.

Денеска е пред се празник на љубовта на мајката и детето, па жените на денешен ден никако не смеат да ги караат и да им викаат на своите деца, зошто во спротивно ќе бидат болни преку годината.